Македонија
Кисела Вода го реобјави меѓународниот конкурс за идејниот лик на Расадник
Општина Кисела Вода го реобјави меѓународниот конкурс за идејниот лик на градскиот кварт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник. Од денес, па во наредните четири месеци, тој ќе биде предизвик за сите оние што ќе понудат иновативни решенија за квалитетно, одржливо, хумано, здраво живеење и заштита на животната средина за жителите на Кисела Вода, велат од Општината.
„Распишаниот меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник е своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското дејствување во Македонија бидејќи овозможува одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на оваа урбана заедница. Иако посакуваните решенија не ги добивме во првиот обид поради тоа што и покрај големата заинтересираност, имаше недоволен број пријави и конкурсот мораше да се поништи, сепак Општина Кисела Вода не се обесхрабри во намерата Расадник да биде пристојно и хумано место за живеење. Оттука, жири-комисијата веднаш по завршување на конкурсот направи опсежна анализа за причините за недоволниот број пријавени апликации. Во изминатиот период се одржаа состаноци со Архитектонскиот факултет, Комората на архитектите и Асоцијацијата на архитектите на Македонија и се направија анкети на сите заинтересирани потенцијални пријавени по што мешовитата работна група од трите институции и Општината ги вклучи во конкурсната документација насоките добиени од Факултетот и од професионалната заедница“, се наведува во информацијата од Општината.
Во новиот конкурс, како што е наведено, е олеснет процесот за конкурирање, не е поставен лимит за пристигнати трудови, олеснување имаат и студентите, кои може да конкурираат без проектантско биро. Дополнително, сите конкурсни документи сега ќе може да се стават на електронски медиум (CD или USB), што понатаму ќе треба во затворен коверт да се прати до Општина Кисела Вода. Ова значително финансиски им помага на странските учесници и беше дел од нивните барања.
Од денес, 15.3.2022, сè до 3.7.2023, тој јавно е достапен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.
https://www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/46dfaa8e-a95d-442c-bacf-bab88806cd38/6
како и на линкот подолу, поставен на општинската веб страница.
http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/8-soodrzina/3559-33333
Сочинет е од два дела и осум прилози. Првиот дел се програмските насоки, кои треба да им бидат насока на учесниците на меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник, а вториот дел се конкурсната документација и прилозите кон неа.
Потсетуваме на наградите во износ од 15.000, 8.000 и од 3.000 евра за прво-, второ- и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од 2.000 евра, за кои ќе одлучува 9-члена меѓународна стручна жири-комисија, во која се вклучени и граѓаните преку партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода.
Сите евентуални дополнителни прашања може да се поставуваат и на е-маил адреса [email protected].
Интересно е дека распишувањето се поклопува со 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, после кој решение за новиот лик на главниот град се бараше токму преку Меѓународен конкурс. УНДП која во далечната 1964/65 со декларација ја презела обврската за реконструкција на Скопје, односно објавувањето на конкурсот за обнова на Скопје, ги препозна и поздрави нашите заложби за иновативни решенија во насока на креирање на услови за хумано и квалитетно живеење во Расадник. Оттука, оваа организација во рамките на проектот со кој ќе се одбележи јубилејот од земјотресот, ќе даде стручна поддршка и ќе го промовира Меѓунaродниот конкурс за Расадник преку своите меѓународни канцеларии, а ќе обезбеди и можност за зголемена транспарентност преку вклучување на набљудувачи во целиот процес.
Ги охрабруваме сите домашни и меѓународни стручњаци од областа на архитектонско-урбанистичкото планирање, сите оние кои во овој проект препознаваат предизвик за работа и професионален развој, да ни ги испратат своите идејни решенија за Меѓународниот конкурс за идејниот лик на Расадник. Се надеваме дека заеднички ќе овозможиме квалитетно, одржливо, хумано, здраво живеење и заштита на животната средина за жителите на Кисела Вода, кои треба и мора да бидат императив во работата на секоја свесна и совесна локална самоуправа“, се истакнува во соопштението од Општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.

