Македонија
Движењето Беса: Владата се прокламира како проевропска, а се пазари со проруски компании
Актуелната Влада на СДСМ – ДУИ – АА, по многу скандали и коруптивни афери, сега го направи следниот чекор кон скандалот од големи размери. Имено, дозволија фирма, која токму за неколкумилионска измама има активна одлука да биде затворена, да ја надгледува изградбата на коридорите 8 и 10Д од „Бектел и Енка“. Лично со свој потпис Груби и Ковачевски ја донеле фирмата „Евроконсалтинг“, се вели во соопштението од Беса.
Од партијата додаваат дека да биде оваа катастрофа уште поголема, пред медиумите, покрај Груби и Ковачевски, во одбрана на оваа компанија и нејзиниот контроверзен сопственик со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, застана и министерот за транспорт, Бочварски, и директорот на „Македонијапат“, Рустеми, избегнувајќи ги новинарските прашања за кривичното досие на Димитриевиќ, јавно изјавувајќи дека тоа не било важно, туку важно било што побргу да се завршат коридорите 8 и 10 Д.
Според Беса, оваа компанија со руски капитал и сопственик со криминално досие има учествувано во речиси 250 проекти кај нас, па затоа јавно прашуваме зошто оваа Влада се прогласува за проевропска, а пазарот го дели со проруски компании и нивните криминални водачи. Зошто досега антикорупциската комисија не отвори истрага за доделувањето на овој тендер, особено по промената на правилото од страна на Владата дека на овој тендер може да конкурираат и фирми со негативно годишно салдо.
Во јавноста има многу контроверзни и коруптивни информации во врска со консултанти, надзори итн., кои отворија многу прашања, особено дека се работи за тежок криминал, со што се загрозува целокупниот проект.
Од Беса прашуваат дали не се доволни доказите за Обвинителството да отвори случај за фирмата „Електра солушн“ на Андон Ампов, син на Сотир Ампов, која добила лиценца за надзор. Како е можно фирмата на синот да добие дополнителен рок, само за да може да ги донесе документите и да се стекне со право на надзор, а е ќерка на фирма на татко му, која претходно за ова беше одбиена поради постоење докази дека има руски капитал. Ако татко му е осомничен дека има руски капитал, тогаш како оваа Влада дозволила и доверила надзор на синот на таткото?!
Движењето Беса бара меѓународниот фактор да ја испита оваа сомнителна зделка со рускиот капитал и криминалните сопственици, како и нивната поврзаност со челниците на оваа Влада. Бидејќи во спротивно, коридорите 8 и 10 Д ќе ја имаат истата судбина како онаа на автопатот Кичево – Охрид, кој со години никако да се изгради, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот кај село Колари е отстранет
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар целосно е нормализиран претпладне во 10:30 часот, откако екипи на ЈП „Македонијапат“ го отстраниле одронот кај село Колари што го блокираше патот од 5.40 часот изутрината.
На патниот правец село Лисец – Попова Шапка, каде во 05:45 часот изутрината поради врнежи од снег беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси, се работи на проширување на коловозот за нормално одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.

