Македонија
Призна вина, се покаја, па побара поблага казна – на пијаниот возач, кој усмрти дете во Велес, ќе му се пресуди в петок
Возачот што пијан ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова во Велес и потоа се даде во бегство призна вина на првото рочиште. Ангелчо Николов пред судот рече дека признанието го дава доброволно и без никаква присилба. Пресуда ќе има в петок. Возачот им се извини на семејството и на јавноста по што од судот побара да добие поблага казна. Тој се гони за две дела бидејќи, освен тоа што возел пијан и со недозволена брзина, по сообраќајната несреќа, избегал од местото и не укажал помош.
Остра реакција на социјалните мрежи имаше адвокатот Јанаки Митровски, кој го застапува семејството. Тој ја критикува обвинителката.
„Во воведни зборови, наместо да се концентрира на обвинетиот, јавниот обвинител Славица на скандалозен начин се обиде да ме шиканира осврнувајќи се на тоа зашто нема кривичен прогон за селаните што го криеја, како и за сопатниците што се вратија на самото место, а не сакаа да го откријат идентитетот. Возилото е пронајдено поради испадната регистрација, а да не беше тоа случај? Па, така, јавниот обвинител Славица рече дека Обвинителството не било рекла-кажала или фејсбук-институција, јасно алудирајќи на моето алармирање преку социјалните мрежи. Единствено, мојата почит кон судијките Габриела и Валентина, кои се одлични судии, ме спречија да реагирам како што знам и умеам бидејќи одамна сум се решил дека нема да дозволам никој да ме гази“, напиша Митровски.
Сообраќајната нерсеќа се случи на десетина дена пред Нова година. Возачот Николов беше во бегство, па по два дена, уапсен од полицијата. Тој го управуваше возилото „мерцедес“ со прекумерна брзина, како што и призна. Освен жртвата, 11-годишното девојче, повреди имаше и мајката.
„Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од приближно 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде што постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка, кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката добила телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-ина метри напред, до следниот пешачки премин, каде што паднало на земјата, добило многубројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало“, соопштија од Обвинителството пред четири недели кога го поднесоа обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

