Македонија
Прво обраќање на мајката на Боки 13: Син ми останува со траен инвалидитет – ќе има одговорност
Јасминка Јовановска, мајка на Бојан Јовановски-Боки 13, преку писмо до јавноста алармира дека животот на син ѝ е донесен во ризик. Јовановска, во писмото, потпишано од неа и нејзиниот сопруг Миле Јовановски, посочува дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најавува дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирни лица.
„Изразуваме сериозна загриженост како родители за актуелната здравствена состојба во која се наоѓа Бојан, а како граѓани на оваа држава во најблага форма кажано се чувствуваме згрозени и огорчени од организираната тортура и линчот што му се случуваат на Бојан целиот овој период, нему лично, а и на целото наше семејство како рефлексија од омразата, нечовечноста и антагонизмот кон Бојан. Животот на мојот син Бојан е донесен до крајна црвена линија и во согласност со последните медицински наоди и извештаи, операцијата што ќе се изврши е неизбежна и е со висок ризик за неговиот живот, се работи за операција со неизвесен исход по која, повторувам, Бојан ќе има траен инвалидитет“, пишува Јовановска.
Таа додава: „Поради сето ова, сите инволвирани лица, кои системски, свесно, со сторување и несторување, здружено и со намера, му го сторија ова неправо на Бојан, ќе мора да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани. За ова изживување, малтретирање и тортура кон Бојан одговорност мора да има! Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста, за човечност и разумност во овие чувствителни моменти, од причини што Бојан е цел на најголемиот јавен говор на омраза сите овие години, а никој не понел одговорност за таквиот отворен и директен говор на омраза, каде што со најпогрдни зборови, навреди и пцости се опишувало името на Бојан, а за волја на вистината ниту еднаш досега ниедна организација за борба на човековите права не изнела јасен став, не ги осудиле ваквите појави и не застанале во одбрана на правата на Бојан, ниту барем декларативно, а Бојан е флагрантен пример за повреда на човековите права!“

Медицински извештај од Боки 13 издаден вчера (15.03.2023)
Семејството Јовановски најавуваат и кривична одговорност.
„Поради сето погоренаведено, поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази. Одговорност за целото нанесено зло и за сите инволвирани лица кои се директно одговорни за оваа ситуација, ќе има, без исклучок! Нашата борба ќе биде до крај, се до конечна правда, за која правда сум се борела и работела цел работен век во областа на правото, без ниедна морална и професионална дамка со целиот мој изграден морален и професионален интегритет“, стои во соопштението.
Јовановска посочува дека секогаш била воздржана, никогаш не се обраќала во јавност – но актуелната состојба на Боки 13 тоа веќе не и го дозовлува.
„За целиот овој период од почетокот на кривично-правните процеси против Бојан, па сè до денес се немам огласено ниту еднаш во јавност, не од причина дека немам што да кажам, напротив, и како негова мајка и како професионалец во областа на правото, како истакнат правник со повеќе од 30-годишно работно искуство имам многу да зборувам за здруженото неправо кон Бојан, за максимата на човечкото лицемерство, за сите атакувања, етикетирање и ниски удари што сме ги добиле во целиот овој период. Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување витален орган – желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет кај мојот син Бојан. Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет ѝ се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам цел да предизвикам чувство на сожалување, туку, единствено, да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата што му е стореиа на Бојан и на тој начин директно му е загрозен животот“, додава Јовановска.
Досега, во низа наврати се алармира за влошената здравствена состојба на Боки 13. За тоа во јавноста беа доставувани и медицински документи од неговиот правен тим, од разни болници, а потпишани од десетици доктори. Во нив стоеше дека лекувањето на Боки 13 не може да продолжи во затворот поради тоа што таму нема услови. Но, Кривичниот суд и Управата за санкции не сметаа така и го оставија во затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Имаме системски пристап кон употребата на Вештачката интелигенција
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше свое обраќање на меѓународната конференција „AI for Society & Smart Governance“, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што истакна дека вештачката интелигенција, освен што е технолошка тема, претставува и прашање на политики, институционален капацитет и одговорност кон граѓаните.
„Во обраќањето нагласив дека клучното прашање не е дали ќе ја користиме, туку како ќе ја користиме. За да има реална примена во јавниот сектор, потребни се јасна рамка, квалитетни податоци и инфраструктура со конкретна имплементација, не само стратегии на хартија“, изјави министерот Андоновски.
Тој посочи дека Министерството за дигитална трансформација работи на конкретни чекори за системско воведување на AI во јавниот сектор и креирање основа за одговорна и применлива дигитална трансформација.
„Ги потенцирав и конкретните чекори што ги преземаме, а тоа е Националната ИКТ стратегија 2025–2030, подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција во координација со академијата и институциите, интеграцијата на AI асистент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ за развој на домашни GPU капацитети и модели на македонски јазик“, истакна Андоновски.
Тој на одговор на новинарско прашање во насока на Правилникот на АВМУ за инфлуенсери истакна дека ги разбира нивните барања и истакна дека можни се промени по барање на Здружението на инфлуенсери.
„Постои правилник донесен врз основа на измените на законот од 2023 година, кој стапи на сила пред некој месец со којшто се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите. Ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсери, и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми, од страна на физички лица којшто повремено или постојано се занимаваат со оваа работа’’, појасни Андоновски.
„Јас ги споредувам со колумнисти. Ако не бараме високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледам зошто би требало да имале и толку ригиден пристап кон оваа група на луѓе’’.
Министерот Андовски истакна и дека неформалниот водич кој беше донесен создал дополнителни недоразбирања.
„Беше донесен и еден неформален документ наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше дека е задолжителен за употреба за оваа група на креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна.”
Најави средба со Здружението на инфлуенсери за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.

