Македонија
И студентите ќе протестираат заедно со средношколците, велат дека институциите немаат слух за нивните барања
																								
												
												
											„Студентскиот отпор“ се приклучува кон протестот на средношколците, кој ќе се одржи в петок од 12.30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН),
Од студентското движење велат дека крајно време е студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите.
„Ништо од она што беше ветувано од страна на МОН и Владата не е остварено, односно имаме: нетранспарентно договарање на цената за субвенциониран студентски оброк од 140 денари кога сите знаеме колкава е инфлацијата и дека таа сума е деградирачка; континуирано доцнење на исплатата на студентскиот оброк; неодговарање на апликациите за студентски оброк; доцнење на исплата на стипендиите на студентите; мизерни услови за студирање на факултетите, со протечени покриви; неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови; труење со храна и мизерен оброк во студентските домови; континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе“, велат од движењето.
Најавуваат дека масовно ќе се приклучат кон протестот заедно со средношколците и подготвени се правдата да ја бараат со искажување на својот став преку масовни студентски демонстрации.
Претходно, организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) го најави протестот на „Фејсбук“.
„Имајќи ги предвид актуелните прашања во врска со средношколскиот и студентскиот стандард (државна матура, субвенциониран студентски оброк и слично), ги покануваме студентите да се придружат на протестот в петок од 12.30 часот пред МОН за заедно да издејствуваме подобрување во образовниот систем. Овие неколку години, како учесници во образовниот систем, се соочивме со голем број предизвици за кои вреди да се дискутира и да се лобира кај надлежните“, најавија од ОДАС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Без струја делови од Сопиште, Петровец и Гази Баба
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од дел од с.Долно Соње.(Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Горно, Средно и Долно Коњари. (Општина Петровец)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Чифлик. (Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Катлановска Сушица. (Општина Петровец)
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Вера Вучкова Жежељ, во нас. Хиподром. (Општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.

