Македонија
Маричиќ: Македонските коридори дел од европската патна мрежа
Во Брисел денеска продолжува објаснувачкиот скрининг за Поглавјето 21, „Трансевропски мрежи“, заедно со Поглавјето 15, „Енергетика“. На почетокот на објаснувачкиот скрининг за Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, кое почна вчера, со Поглавјето 21 и Поглавјето 14, „Транспортна политика“, вицепремиерот Маричиќ рече дека македонските власти го знаат значењето на транспортниот сектор и дека со финансиска поддршка на ЕУ ќе продолжат да се спроведуваат значајни инфраструктурни проекти.
„Она што е битно да се каже е дека Европската Унија полага многу значење на овие области бидејќи се од суштинска важност за развојот на цела Европска Унија и за развојот на нашиот регион. Не може да има развој без развиена инфраструктура. Не може да има развиена инфраструктура без вложување во транспортната мрежа и без ефикасна транспортна мрежа. И како што видовте и на скринингот, целта на оваа политика е да се намали метежот, да се зголеми ефикасноста на транспортниот бизнис и да функционира инфраструктура беспрекорно и без пречки или со минимум неопходни пречки“, додаде вицепремиерот Маричиќ во изјавата за медиумите.
Пред претставниците на Европската комисија вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ рече дека Северна Македонија е држава што е вклучена во транспортната заедница и дека учествува и во енергетската и во транспортната заедница преку иницијативата на Берлинскиот процес.
Вицепремиерот ја поздрави намерата на Европската комисија да вложи дополнителни напори во развојот на новиот европски транспортен коридор за Западен Балкан и напомена дека тоа практично е воведување на регионот во европските коридори потенцирајќи дека веќе учествуваме во два важни европски коридора, Коридорот 10, што е целосно комплетиран и кој може да биде и дополнет во наредниот период, како и Коридорот 8.
На крајот, Маричиќ изрази уверување дека Владата е посветена на подобрување на транспортната инфраструктура и има преземено активности, пред сè, во насока на изградба на алки што недостигаат и санација на постојната транспортна мрежа како дел од јадрото и сеопфатната мрежа на европските транспортни коридори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

