Македонија
Бесконечна е глупоста на Владата, вели Мицкоски по најавите за увезување работници од странство за 200 евра плата

Живееме во време кога имаме Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, која секојдневно се труди да го понижи граѓанинот на Македонија и свесни сме дека разочарувањето кај нашите сограѓани е огромно, не само кај Македонците туку и кај Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците. Ова 1 го порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на бизнис-заедницата во Битола.
На прашањето како го коментира тоа дека Владата најави дека за 200 евра ќе донесе работници од други држави кога кај нас луѓе и за 30.000 денари месечно не работат, туку одат во странство и секој ден сме сведоци кога по најмалку 30 лица вадат бугарски државјанства и ја напуштаат државата, тој вели дека ваков тип егзибиционизам е недозволен.
„Мислам дека е беспредметно да ја коментираме Владата бидејќи од ден на ден потврдува дека само една работа е бесконечна кај неа, а тоа е, за жал, глупоста што секојдневно ја прави. Сè што би коментирал повеќе од ова би било комплимент за оваа Влада на ДУИ поддржана од СДСМ.
Во врска со коментарот за изградба на коридорите дека една од фирмите што е вклучена во надзорот е велешка, која се занимава со производство на долна облека, Мицкоски посочи дека овој скандал има епски размери не само во обем на криминалот од 22 милиона евра туку од лошиот пристап на Владата да објасни како прави криминал на отворена сцена.
„Не очекувам дека Обвинителството ќе отвори случај, но ветувам дека следната влада на ВМРО-ДПМЕ сигурно ќе се позанимава со тендерот за супервизија и надзор. Ние сме тука и стоиме на располагање да се сузбијат криминалите.
Мицкоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно да оди на предвремени парламентарни избори и без техничка влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дождот ќе се задржи до четврток, стабилизирање дури во петок

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.
Македонија
Хуманитарен концерт на Тамара Тодевска – Пееме за Кочани

Со цел поддршка и помош на семејствата на починатите граѓани и повредените во трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска организира хуманитарен солистички концерт.
Имено, овој музички настан ќе се одржи на 17. април (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата на починатите граѓани, како и за сите повредени во трагедијата.
Информациите за продажбата на карти ќе бидат објавени претстојните денови, а Тамара ги повикува сите свои фанови и луѓе кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
– Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост – да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани. На 17. април (четврток), во @mkc_skopje, од 20:00 Ве повикувам на хуманитарен концерт за Кочани, посочи Тодевска на своите профили на социјалните мрежи.
Продажните места за картите за овој концерт ќе бидат објавени на офијалните канали на социјалните мрежи на Тамара Тодевска на Instagram и Facebook.
Македонија
Јаневска: Го јакнеме финансиското образование, градиме млади подготвени за управување со финансии и за справување со ризици и измами

Финансиската едукација на младите е исклучително важна бидејќи ги подготвува за управување со финансии и планирање на буџетот, разбирање на економските процеси и препознавање на ризиците и обидите за финансиски измами. Во таа насока, повеќе надлежни институции работат на унапредување на постојниот концепт, процес во кој од клучно значење ќе бидат резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија на тема „Финансиска писменост во Македонија – состојба, предизвици и решенија“ во рамки на третиот Женски економски форум кој го организираат здруженијата „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ заедно со Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Јаневска рече дека финансиската едукација во основното образование кај нас е застапена преку теми во наставните програми по повеќе предмети, а постојат и слободни изборни предмети и воннаставни активности. Станува збор за интегриран пристап воведен по препорака на ОЕЦД. Во средното образование пак, односно во гимназиското и уметничкото има задолжителен предмет, а во стручното – задолжителен и изборни предмети постојат во одредени струки.
„Секој концепт може да биде и подобар и затоа Министерството за образование и наука со Министерството за финансии, Народна Банка, Македонската банкарска асоцијација и други страни тесно соработуваат, разменуваат информации, идеи и искуства за да може постепено финансиската едукација да се надградува –преку проширување на наставната материја, преку повеќе обуки на наставниот кадар и слично. Во оваа насока од особена важност ќе бидат и резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието, а кое ќе ни обезбеди податоци за идните политики“, рече министерката.
Осврнувајќи се на подготвеноста на младите да препознаваат финансиски измами, рече дека тоа се глобални предизвици кои бараат постојана адаптација, учење и заедничка регионална и меѓуинституционална соработка.
Покрај панел дискусијата посветена на финансиската писменост на која учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во рамки на форумот се
одржаа и работилници на тема „Клуч за финансиски успех“ и „Сајбер ризици и заштита на личните податоци“.