Економија
Костовски за влезот на „Пантелеон ГС“ во Еуростандард банка: Го крчмите мојот имот, без око да ви трепне

„Го крчмите мојот имот, без око да ви трепне“, реагира Трифун Костовски, поранешниот мнозински сопственик на Еуростандард банка.
Предупредувам, вели Костовски, дека мојата војна против организаторите на овој криминоген чин ќе оди до крај.
„Зградата на бившата Еуростандард банка по ниту еден параметар не смее да биде подолу од 12 милиони евра“, потенцира Костовски по информацијата дека фирмата „Пантелеон ГС“ на третата по ред и последна аукција понудила 5,37 милиони евра за дирекцијата на бившата Еуростандард банка, со вкупна квадратура од 3.500 м2, со можност на доизградба на нови 800 м2 во самиот епицентар на Скопје.
„Предупредувањето го упатувам до стечајниот управител Саздовски и до одборот на доверители. Немојте да дозволите процедурално да помине криминоген чин во обезвреднување на туѓиот имот за сметка на поединци и групи. Самиот манипулативен чин за евтино купување на мојот имот е ваш потег да го обезвредните собраниот капитал во стечајната маса и со тоа на јавноста да ѝ докажете дека јас и моето семејство сме виновни доколку не се соберат средства за обесштетување на правните, физичките лица и на нас акционерите“, вели Костовски во реакцијата.
Инаку, утрово во соопштение беше истакнато дека македонската компанија „Пантелеон ГС“ победи на наддавањето на третата по ред електронска аукција за овој деловен простор.
„Дали по две години, конечно, ќе се врати деловната атмосфера во веќе поранешната зграда на Еуростандард банка. Многу веројатно е дека од тука млади и талентирани македонци ќе работат за американскиот пазар. Причината за тоа е што македонската компанија „Пантелеон ГС“ победи на наддавањето на третата по ред електронска аукција за овој деловен простор.
На страницата за е-аукции јавно е достапна информацијата дека компанијата „Пантелеон ГС“ со понудени 330 милиони денари е избрана за најдобар понудувач. Сега понудата треба да биде прифатена од собранието на доверители, а од прибраните пари да се обесштетат доверителите на пропадната банка“, е напишано во информацијата.
Зградата на Еуростандард банка, како што се појаснува во напишаното, е една од малкуте вредни имоти што останаа во рамките на стечајната маса, а која веќе две години не се одржува и со текот на времето ќе губи од својата вредност ако некој не се грижи за неа.
Од Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка, како што е потенцирано во напишаната информација, веќе од претходно порачале дека посакуваат што побргу да се продаде зградата посакувајќи му успешно идно користење и бериќет на најдобриот понудувач и купувач на зградата.
„Пантелеон ГС“, како што е појаснето, е брзорастечка македонска аутсорсинг-компанија, која работи за компании на американскиот пазар. „Компанија со амбициозни планови за раст и развој, која за кратко време сака и да го удвои бројот на вработени, а кој во моментов брои 100-ина талентирани Македонци“, стои во информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Соработка за економски напредок“: средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција, известува Народната банка.
Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.
Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.
Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.