Македонија
Тензично судење за „Ласкарци: обвинетите тврдат дека добиваат закани, роднините на загинатите враќаат дека тие прават тензии
Тензично помина уште едно рочиште за случајот „Ласкарци“. Викање, дофрлање зборови меѓу обвинетите и оштетените, групно одговарање на прашања, обвинувања. Ваква беше атмосферата на судењето додека на пултот требаше да сведочи вештакот Зекирија Зеќири од Бирото за судски вештачења, кој неколкупати не се јави на покана на судиите. На рочиштето обвинетите, односно адвокатите, реагираа дека добивале закани од родителите и роднините на загинатите и повредените. Тоа беше негирано од Синиша Ристевски, брат на една од жртвите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци.
„Секогаш кога адвокатите на обвинетите ќе почувствуваат дека нивните вештаци немаат одговори и не знаат да одговорат – тогаш некој од нив предизвикува тензија за да дојде до прекин на судскиот процес. Таа тензија, како што можевте да видите на последното рочиште денеска, е со повишување глас, оркестрирано и групно уфрлање на сите адвокати на обвинетите со цел да го деконцентрираат јавниот обвинител и да се создаде дополнителна нервоза, која е квалификувана дека ние сме тие што се закануваме, правиме тензии и води кон прекин на судскиот процес. Ова во изминатите пет години и над 120 одржани судски рочишта е редовна појава од нивна страна. Се обидуваат да го одолжат судскиот процес, а со тоа да постигнат една слика во која сакаат да нè претстават неконструктивни, како лица што предизвикуваат тензии. Но, таа стратегија нема да им успее. Покрај болката што ја чувствуваме, покрај загубата на нашите најмили, ќе продолжиме на најдостоинствен начин да го доведеме овој судски процес до крајот“, рече Синиша Ристевски, чиј брат е една од жртвите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци.
Адвокатот Владимир Николовски, кој ги застапува некои од роднините на загинатите, реагира за начинот на кој сведочеле сведоците.
„Како и минатиот пат кога дадовме пред судот изјава, повторно сите изјави на ова вешто лице, кое е доктор на науки, се нецелосни, дополнувани од другите вештаци, некомплетни и по мене – нереални. Сакам да кажам дека вештото лице намерно избегнува да одговори на сите прашања што беа поставувани од обвинителот и бранителот на шестообвинетиот, со цел само да се одолжи и да се избегне правилната вистина од вештачењето на Машинскиот факултет“, рече адвокатот Владимир Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.
Македонија
Нова кривична пријава против ексградоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари
Полицијата поднесе кривична пријава против Фатмир Дехари, од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“.
Според информациите на СВР Охрид, тој, во својство на градоначалник на Општина Кичево, несовесно постапувал при извршување на своите законски овластувања дадени со Законот за локалната самоуправа и спротивно на Законот за пожарникарство.
„Пријавениот, од 2016 година, секоја година, со одредени лица склучувал договори за вработување во Територијалната противпожарна единица Кичево и по истекот на една година од нивното вработување, не извршил должен надзор, пропуштил да им го прекине работниот договор и дозволил, истите да не се стекнат со соодветен сертификат за квалификација како пожарникари, издаден од надлежен Државен орган“, велат од полицијата.
Македонија
Не е работа на бранителот да биде судска достава, забележаа адвокатите и побараа судот да им го достави интегрираното обвинение пред воведните зборови
Место воведни зборови од одбраната и изјаснување дали се чувствуваат виновни обвинетите за пожарот во кочанската дискотека “Пулс”, денешното второ рочиште од судењето ќе биде посветено на оштетни побарувања за да не се одложи.
Воведни зборови на одбраната денес нема да има оти судот ги прифати забелешките на бранителите на обвинетите кои побараа интегрираното обвинение од Судот да го добијат не само бранителите туку и обвинетите.
“Бранителите не прифаќаат доставата на интегрираното обвинение до обвинетите да биде преку нив. Судот денес и утре до сите обвинети ќе изврши достава. Бидејќи денес и утре нема да можат да се изјаснат, за да нема одолговлекување, ќе продолжиме со оштетни побарувања на оштетените и нивните полномошници”, рече судијката Диана Груевска-Илиевска.
Таа побара веднаш да се направи нова листа со мејлови од обвинетите и кажа дека оние кои се во притвор, интегрираното обвинение ќе го добијат во писмена форма.

На почетокот на денешното рочиште многумина бранители побараа покрај тоа што тие како нивни адвокати го добиле интегрираното обвинение, по судски пат да им биде доставено и на обвинетите.
“Не е работа на бранител да биде судска достава ниту пак тоа се смета за уредна достава. Прашањето е законско, не може најголемата трагедија во Македонија да ја исправиме со неправда”, рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвинетите, укажувајќи на новните права.

Оваа негова забелешка мачно ја примија родителите и роднините кои беа во судницата и тивко прашаа “какви права бе”.
Судијката Груевска-Илиевска не ги прифати забелешките на бранителите кои сметаат дека интегрираното обвинение е сосема нов акт и новата листа на докази е различна од првичната, иако обвинителите кажаа дека нема нови докази туку од листата се исфрлени вербалните докази кои се повторуваат.
Одлуката ја соопшти по кратко советување откога ги слушна забелешките од бранителите од кои многумина кажаа дека Обвинителството не ги почитува постапките и го доведува во ситуација судот да носи одлуки спротивни на ЗКП оти интегрираното обвинение не е пречистен текст туку ново обвинение.

kocani sudenje
“Судот донесе решение дека не станува збор за ново обвинение бидејќи во интегрираното обвинение не се воведени нови дејсѕвија, нема нови обвинети, нема ново место на извршување на дејството”, рече судијката Груевска-Илиевска.
Судењето продолжи со евиденција на оштетените и нивните законски застапници кои се приклучија на кривичниот прогон, и кажаа дека ќе имаат оштетни побарувања кои ќе ги бараат во граѓанска постапка.

