Македонија
Јотова по негативното мислење за „Иван Михајлов“: Скопје не сака да престане со говорот на омраза

Според бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, не постои ниту еден знак дека Владата во Македонија сака да стави крај на говорот на омраза кон сè што е бугарско.
Јотова вели дека прифаќањето на францускиот предлог од страна на Македонија бил последниот позитивен чекор во процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Оттогаш, вели таа, сите активности нè враќаат назад.
„Историската комисија не функционира! Нема промена во учебниците, за што инсистира бугарската страна, а нема ни за преостанатите тврдења на Бугарија, кои се напишани црно на бело на заедничкиот протокол. Сите настани по овој предлог – од палењето на клубот во Битола до посегнувањето на бугарската културна институција – ова е официјална институција на бугарската држава и на реципрочна основа – сите овие дејства македонските власти ги оставија без последици. Сите осомничени се на слобода“, рече Јотова.
Нејзината реакција следува по вчерашната одлука на Комисијата за употреба имиња на личности, која даде негативно мислење за употребата на името „Иван Михајлов“ за бугарскиот клуб во Битола. Комисијата образложи дека ваквиот назив на организацијата е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.
Бугарското МНР претходно денес реагира дека со одлуката на Комисијата се ограничуваат правата на Бугарите во Македонија, а според нив, единствената цел била да се избришат од Централниот регистар нивните организации во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Маврово – Дебар

Од 15:05 часот сообраќајот на регионалниот пат Р-1202, Маврово – Дебар, кај местото викано „Ростушко анче“ е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно поради незгода, сообраќајот на патот беше во целосен прекин.
Македонија
Украл накит, часовници, компјутери, пари и други предмети во вредност од 296.000 денари од куќа во Скопје, побаран притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека извршило кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 23-годишник, на 02.01.2024 година, провалил во куќа на улицата „Востаничка“ во Скопје, така што со помош на пластична маса се качил на балконот од првиот кат на куќата и насилно го отворил прозорецот. Потоа пребарувал низ собите и одзел накит, шест рачни часовници, два лаптоп компјутери, други вредни предмети и парични средства во износ од 1000 евра. Вкупната вредност на одземените предмети е проценета на 296.000 денари.
Потоа преку споредна врата ја напуштил куќата и повеќе од една година не бил достапен за полицијата. Имајќи предвид дека токму оваа околност укажува на ризикот осомничениот повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, како и фактот дека против него се поднесени пријави и за други дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Минчев потпиша меморандум во Црна Гора: Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции

Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денес во Подгорица потпиша Меморандум за соработка со неговиот црногорски колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај.
Преку овој меморандум, двете земји ја формализираат меѓусебната соработка во клучни области како дигитализација на јавните услуги, управување со човечки ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.
„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјави Минчев.
Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.
Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции, соопштуваат од Министерството.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот.“ – додаде тој.
Министерот упати благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.
„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка.
Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста – не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ.“
Оваа соработка претставува важен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничко приближување кон европската иднина, се додава во соопштението на Министерството.