Европа
Таен документ открива: Русија има посебен план за дестабилизација на Молдавија
Тајниот план изготвен од руската Служба за безбедност (ФСБ) поставува детаљни опции за дестабилизација на Молдавија – вклучително и поддршка за проруските групи, употреба на Православната црква и закани за прекинување на снабдувањето со природен гас.
Се чини дека документот е составен за да се спречи наклонетоста на Молдавија кон Запад, што вклучува поблиски односи со НАТО и обид за пристап во Европската Унија.
Важноста да се спречи Молдавија да влезе во НАТО беше споменувана неколкупати.
Си-ен-ен го виде целиот документ, кој се чини дека е напишан во 2021 година од Дирекцијата за прекугранична соработка на ФСБ.
Насловот на документот е „Стратешки цели на Руската Федерација во Република Молдавија“.
Документот ја изложуваше 10-годишната стратегија за внесување на Молдавија, поранешна советска република во сендвич меѓу Украина и Романија, во сферата на влијание на Русија.
Планот вклучува Молдавија да биде зависна од увозот на руски гас и поттикнување социјални судири, како и обид за блокирање на напорите на Молдавија да стекне влијание во прорускиот отцепен регион Приднестровие, каде што се стационирани околу 1.500 руски војници.
Документот од пет страници е поделен на неколку наслови со краткорочни, среднорочни и долгорочни цели.
Меѓу непосредните цели се „поддршка на молдавските политички сили, кои се залагаат за конструктивни односи со Руската Федерација“ и „неутрализирање на иницијативите на Република Молдавија насочени кон елиминирање на руското воено присуство во Приднестровие“.
Среднорочните цели вклучуваат „спротивставување на експанзионистичката политика на Романија во Република Молдавија“ и „спротивставување на соработката меѓу Република Молдавија и НАТО“.
Документот на ФСБ исто така поставува долгорочни цели, вклучително и „создавање стабилни групи на проруско влијание во политичките и економските елити на Молдавија“ и „формирање негативен став кон НАТО“.
Запрашан за овој документ во четвртокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „не знаат ништо за постоењето таков план“.
Песков додаде дека им е жал што сегашното раководство на Молдавија доживува целосно неоправдани и неосновани предрасуди кон Москва, пренесе „Телеграф.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Холандија и подари на Украина 24 авиони Ф-16: „Употребата не е ограничена“
Холандија дава 24 ловци Ф-16 на украинските воздухопловни сили што ќе може да ги користи и против цели во Русија.
„Ограничувањата за тоа каде Украина може да ги користи никогаш не беа дискутирани“, рече холандската министерка за надворешни работи Ханке Бруинс СлотБруинс Слот, додавајќи дека употребата не е ограничена ни на границата во близина на Харков.
Министерката во заминување ги негира претходните извештаи дека САД треба да ја одобрат испораката на овие ловци.
Украина очекува да добие 30 белгиски Ф-16, но може да ги користи само против цели во Украина, бидејќи тоа се услови поставени од Белгија.
Европа
(Видео) Зеленски во Шведска: Само заедно можеме да го запреме лудилото од Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша билатерален безбедносен договор со Шведска, еден од трите планирани со нордиските земји, бидејќи бара дополнителна воена поддршка од Западот во војната против Русија.
Соопштението доаѓа додека западните земји дебатираат дали да и дозволат на Украина да користи западно оружје за да нападне воени цели во Русија, поддржувајќи офанзива врз североисточниот украински град Харков.
„Можете да видите дека Русија се обидува да ја прошири војната… Само заедно можеме да го запреме лудилото од Москва“, рече Зеленски на потпишувањето на договорот, 13-ти таков договор што Киев го потпиша со западна земја.
Зеленски рече дека ќе потпише билатерални договори и со Норвешка и Исланд.
Воздушната одбрана, производството на муниција и заедничкото производство на оружје се на врвот на агендата на петочниот самит меѓу Зеленски и премиерите на Шведска, Норвешка, Данска и Исланд и претседателот на Финска.
Сите нордиски земји, кои цврсто ја поддржуваат Украина, се членки на НАТО.
„Постојано се повторува, вие буквално не се борите само за сопствената слобода, туку и за нашата слобода и нашата безбедност“, рече шведскиот премиер Улф Кристерсон.
„Ова е причината зошто поддршката на Украина е толку фундаментална, егзистенцијална задача за Шведска и за сите други нордиски земји“, додаде тој.
Претходно овој месец, Шведска соопшти дека се согласила за дополнителна воена помош за Украина во вкупна вредност од 7 милијарди долари во текот на три години, додека во последните недели Норвешка преговараше за билатерален безбедносен договор со Киев.
Данска и Финска веќе потпишаа 10-годишни безбедносни договори со Украина во февруари и април, соодветно.
Европа
Едногодишно бебе паднало низ прозорец во Австрија: „Се обиде да се држи за саксија“
Едногодишно Ддтенце паднало од прозорец на станбена зграда во Отакринг, Австрија и се здобило со сериозни повреди на главата.
18-месечното бебе паднало од прозорец во четвртокот околу 20 часот додека родителите биле во другата соба, зафатени со другото бебе, јавуваат австриските медиуми.
„Се качи преку трпезариската маса на прозорецот од кујната и се лизна надолу“, раскажува сведок.
Како што објаснил, детето се обидело да се потпре на саксија што стоела на прозорецот.
Меѓутоа, бидејќи саксијата не била соодветно потпрена, се превртела и паднала, а момчето паднало по неа.
Малото момче се здобило со сериозни повреди на главата поради што е хоспитализирано и сместено на одделението за интензивна нега.
Според првичните информации, неговиот живот не е во животна опасност.
Австриската полиција ги приведе родителите поради сомнение дека од небрежност му нанеле телесни повреди на нивниот син.