Македонија
Независност и непристрасност на судскиот систем – ЕУ со порака државата да ја гони корупцијата и на високо ниво
Денеска, во Скопје, Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, го одржа својот 16-тиот состанок. На состанокот претседаваше премиерот Димитар Ковачевски. Во делегацијата беа и Бојан Маричиќ – вицепремиер, и Бујар Османи – министер за надворешни работи. Делегацијата на ЕУ беше предводена од Жосеп Борел Фонтелес, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и Оливер Вархељ, комесар за соседство и проширување, кои ја претставуваа Европската комисија, соопштија владините служби.
„Ова е првпат Советот на СА да одржува состанок во Северна Македонија, со што се потенцира целосната и недвосмислена посветеност на перспективите за членство на Западен Балкан во ЕУ, како и кон процесот на пристапни преговори на Северна Македонија. Состанокот беше можност да се разгледа напредокот што Северна Македонија го постигна во подготовките за членство во ЕУ и во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и да се дискутира за натамошната работа која е потребна. Учесниците го поздравија напредниот процес на аналитичко прегледување на законодавството на ЕУ (скринингот), додека со нетрпение го очекуваат завршувањето на скрининг-процесот“, се додава во соопштението.
Учесниците, како што се дополнува, ја поздравија јасната стратешка цел на ЕУ и амбицијата на Северна Македонија да напредува во процесот за пристапни преговори врз основа на континуиран напредок со реформите, истовремено потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ за натамошна поддршка на Северна Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ. Учесниците исто така ја истакнаа важноста од постојани реформи и натамошно консолидирање на нивната имплементација во интерес на граѓаните на Северна Македонија.
„Имајќи ја предвид новата геополитичка реалност по војната на агресија на Русија врз Украина, ЕУ силно ја истакна важноста од натамошно продлабочување на соработката за прашања од надворешната политика. ЕУ го поздрави и пофали мошне добриот напредок на Северна Македонија со целосното и доследно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ. Ова е силен израз на стратешкиот избор на Северна Македонија и нејзиното место во заедницата на вредности. ЕУ исто така го поздрави одржувањето на претседателството со ОБСЕ 2023 од страна на Северна Македонија во глобалниот контекст исполнет со предизвици“, дополнуваат од Владата.
Учесниците ја истакнаа важноста од натамошниот севкупен напредок во областите што покриваат поглавјата 23 и 24 (Правосудство и човекови права) и (Правда, слобода и безбедност). Надоврзувајќи се на веќе постигнатиот напредок, потребни се постојани напори за да се обезбедат независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем. ЕУ ја охрабри Северна Македонија да продолжи со консолидирањето на достигнувањата во истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.
Советот за СА го поздрави склучувањето на договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската унија за оперативните активности што ги врши европската погранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во Северна Македонија и со нетрпение го очекува неговото стапување во сила.
ЕУ ги охрабри сите страни во Собранието да продолжат конструктивно да работат заедно и да изградат меѓу-партиски консензус што ќе се фокусира на преземање конкретни чекори во преговарачкиот процес и одржувањето на тековната динамика на реформите.
Во врска со економските случувања, Советот за СА потсети на „заедничките заклучоци на економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција“ за програмите за економска реформа, одржан на 24 мај 2022 година, и ја охрабри Владата да се фокусира на нивното спроведување и следење. Ја повика земјата да ги решава преостанатите клучни предизвици и да ги ублажи негативните последици од војната на агресија на Русија против Украина.
Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи од процесот на проширување, како и процесот за стабилизација и асоцијација. Постојните билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, треба да бидат спроведени со добра волја.
ЕУ ќе продолжи да ја зацврстува и интензивира својата вклученост на сите нивоа за да ја продолжи политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија, вклучително и преку непрекината помош врз основа на опипливиот напредок во делот на владеење на правото и социо-економските реформи, како и на придржувањето до вредностите, правилата и стандардите на ЕУ. По усвојувањето на правната рамка за Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III, што е главен извор на средства, ЕУ ја истакна потребата од зацврстување на административниот капацитет на ИПА-структурите со цел да се овозможи непречено спроведување на ИПА III-програмите.
ЕУ со нетрпение го очекува целосното спроведување на економскиот и инвестицискиот план и на зелената и дигиталната агенда за Западен Балкан, две важни алатки за надминување на социо-економскиот јаз, подобрување на инфраструктурата и поврзаноста и поддршка на зелената и дигиталната транзиција на регионот истовремено градејќи отпорност и енергетска независност. Во изминатите три години Северна Македонија доби грантови во износ од 276,3 милиони евра и 362,5 милиона евра во заем во рамките на економскиот и инвестицискиот план.
Учесниците исто така потсетија на важноста на пакетот за енергетска поддршка на ЕУ во вредност од 1 милијарда евра за Западен Балкан (500 милиони во грантови и 500 милиони во поволни заеми и гаранции), од кои 80 милиони евра за Северна Македонија се насочени кон заштита на најранливите групи погодени од енергетската криза, особено бизнисите, домаќинствата и малите и средните претпријатија додека истовремено се унапредуваат енергетската транзиција и диверзификацијата. Првата транша од 72 милиона евра веќе беше исплатена.
Советот за стабилизација и асоцијација исто така размени и ставови за настаните во Северна Македонија и за регионалната ситуација на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.

