Македонија
Ковачевски: Македонија е фактор на стабилност во регионот, имаме целосна поддршка од ЕУ на европскиот пат
Премиерот Димитар Ковачевски одржа прес-конференција заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и со комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, што се одржа денеска во Скопје.
„Денес, со европските партнери имавме можност да направиме пресек на состојбите, да го утврдиме направениот прогрес на земјата како и спроведените реформи, во подготовката за нашето членство во Унијата. Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и за полноправно членство во Европската Унија. На состанокот е поздравен нашиот силен фокус кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди“, нагласи Ковачевски.
Додаде дека се поздравени и политиките на добрососедство, што земјата ги води преку зрел и одговорен пристап, базиран на меѓусебно почитување и дијалог, со отфрлање на популизмот како штетен на овие искрени намери и провоциран од трети страни, кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан.
„Република Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот европски пат.
Работата на Владата е поставена на линија на европската агенда и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата веруваме дека Република Северна Македонија во моментот има политички капацитети, кои може да придонесат, по успешно завршениот скрининг-процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме членка на ЕУ“, вели премиерот.
„Имаме уверување од Европската Унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија.
Во делот на реформите Владата е подготвена да работи заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.
Во ЕУ, како и за земјите претенденти за членство, како и за нас, клучни се поглавјата 23 и 24 (Судство и фундаментални права) и (Правда, слобода и безбедност).
На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план, што е очекување и потреба, пред сè, на граѓаните на нашата држава“, дополнува Ковачевски.
„Република Северна Македонија направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е оценето како особено важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина. А високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година, со што Северна Македонија активно придонесува во мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст. Потврда за тоа е што утре преговорите меѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава“, вели премиерот.
Додаде дека Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави склучениот договор со ФРОНТЕКС, што сакам да потсетам дека е прв договор потпишан на македонски јазик и сите други јазици на ЕУ помеѓу Северна Македонија и Унијата.
„Заедно со земјите членки на ЕУ, ќе учествуваме во оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Северна Македонија и ова е само еден пример за тоа што значи почетокот на преговорите со ЕУ, а што донесе исто така и европска финансиска поддршка за нашата држава во услови на глобалната криза, во висина од 80 милиони евра неповратни финансиски средства, 100 милиони евра макрофинансиска помош со поволна каматна стапка, како и над 50 милиони евра помош за инвестиции во инфраструктурата.
Изразуваме задоволство од интересот на Европската Унија за задржување на фокусот кон регионот и неговата европска перспектива и го почитуваме препознавањето на Северна Македонија како фактор на стабилноста, безбедноста и евро-атлантските перспективи на целиот Западен Балкан, што е од стратешко значење и за цела Европа“, порача Ковачевски.
Владата и јас лично, како што рече, во наредниот период ќе вложиме максимални напори за успешна реализација на сите потребни активности, со цел натамошно динамизирање на нашиот пристапен процес во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари
Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, соопштија од Царина.
Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама.

По целосно завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот
СДС молчи на пратенички прашања за Груби, хистеријата и стравот од одговорност ги направи заложници на криминалот, вистакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту едно пратеничко прашање од страна на СДС кон членовите на Владата за Артан Груби. А толку беа гласни изминативе три дена со измислување на 10-тина тези, за кои народот секако не им поверува.
Но вистината, почитувани, полека но сигурно излегува на површина. Стравот од можните искази на Артан Груби за криминалите на поранешната власт на СДС и ДУИ очигледно го притисна паник тастерот во Бихаќка.
Дури и потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, отиде чекор понатаму, посочувајќи дека за еден од случаите во кои се сомничи Груби за сторен криминал, кривични пријави треба да добијат и неговите колеги од тогашната влада“.
Петрушевски прашува дали толку многу знае Груби, што некои поранешни функционери би биле подготвени да се жртвуваат. Дали, како што рче, паник тастерот во СДС го притисна кланот Заеви. „Дали стравот кај Вице и Зоран Заев навистина толку е голем, па затоа СДС со Филипче на чело застана во одбрана? Затоа ли Спасовски, Филипче и Зечевиќ делуваат видно вознемирени?
За криминалот, на крајот, има само еден одговор, а тоа е правдата“.
Македонија
Имаме чувство дека српски служби пробуваат да го ослабнат СДСМ, велат од оваа партија
Имаме чувство дека странски служби работат за различни цели, велат од СДСМ.
„Излезе информација дека странски служби дале информација за Груби дека е во опасност.
Беше 14 месеци, како што вели ВМРО (изгледа имале информации, а никој не го барал), на Косово и во Албанија – без никаква опасност.
А сега е во опасност во затворот Шутка, покрај сите мерки за обезбедување.
Посигурен е дома. Тоа сигурно – храната стигнува од ресторани, а и на телевизија има интересни содржини. Како во хотел.
Она што не го кажа Мицкоски е од која странска служба ја добиле информацијата, бидејќи како што се гледа од изјавите за медиумите од МВР и АНБ, никој ја нема таа информација“.
Од СДСМ прашуваат дали информацијата му стигнала од српска или од руска служба.
„Може ли тоа да ни го каже, или и тоа е тајна?
Исто така, покрај ова што наводно го прават странските служби во земја членка на НАТО, имаме чувство дека истите тие служби се занимаваат и со членови на СДСМ.
По бројните обиди за слабеење на СДСМ одвнатре, кои што не успеаа, истиот модел продолжува.
Така, имаме чувство дека поединечни членови продолжуваат контакти со служби, одат во амбасади, одат на ручеци – како што одамна прават некои т.н. новинари кои се во служба на водење антиевропска кампања со цел јакнење на руското влијание во Македонија“.

