Македонија
Сојузот на средношколците со конкретни барања за државната матура
Денешното генерално собрание на Сојузот на средношколците усвои четири барања во однос на државната матура. Преку официјално соопштение тие прават детаљно образложение на тоа.
„Барање 1: Коефициенти за екстерните испити при упис
Моментниот модел на упис на универзитетите во земјата предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, а преостанатите 40 поени произлегуваат од оценките добиени на државната матура.
Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени“, се истакнува во соопштението.
Сојузот смета дека барањето ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити, кои се креирани од самите предметни наставници, ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии. Затоа бараат од надлежните да издадат препорака до универзитетите преку која ќе се издејствува оваа промена.
„Барање 2: Соодветни испити при упис
Сојузот бара Владата да им препорача на сите универзитети во земјата првиот екстерен предмет (мајчин јазик – македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура.
Барање 3: Ден на прв екстерен испит
Доколку е можно, имајќи го предвид православниот празник Духовден, да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни. Сојузот смета дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите други компоненти да се одржат на однапред планираните датуми.
Барање 4: Интерни испити
Бараме наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот. Бројот на прашања во банките да биде трипати поголем од бројот на прашања на испитот“, дополнуваат од Сојузот на средношколците.
Оценуваат дека овие четири барања се во интерес на сите средношколци. Известуваат дека дописот ќе го достават до Владата, Министерството за образование и наука и до Државниот испитен центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

