Култура
Почина хрватската и европска писателка Дубравка Угрешиќ
Денес, во 73 година од животот почина Дубравка Угрешиќ, во кругот на пријателите и семејството.
Дубравка Угрешиќ се етаблираше како една од најистакнатите европски книжевнички и есеистки. Од нејзините рани постмодернистички дела, преку елегичното соочување со распаѓањето на нејзината југословенска татковина и промените после паѓањето на Берлинскиот ѕид, до записите за популарната и книжевната култура, нејзиното дело е обележано со ретка комбинација на иронија, полемичност и сочуствителност.
Изложена на јавен прогон и медиумско шиканирање, ја напушта Хрватска во 1993 година. Од тие причини секогаш се позиционираше како транснационална и постнационална писателка и се застапуваше за правото на авторите и авторките да не признаваат и да не ги почитуваат етничките и националните граници.
Нејзини најпознати наслови се: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Форсирање на романот река“, „Култура на лагите“, „Баба Јага снесе јајце“, „Лисица“.
Во егзил кој со текот на времето стана емиграција, нејзините книги се преведени на бројни јазици. Предаваше на повеќе американски и европски универзитети, вклучувајќи го и Харвард, UCLA, Колумбија и Слободниот универзитет во Берлин. Добитничка е на важни книжевни признанија меѓу кои и НИН-овата награда и Меѓународната награда за книжевност Neustadt.
Дубравка Угрешиќ живееше и работеше во Амстердам.
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура заедно со Мултимедијалниот институт од Загреб, во изминатава година, во пријателска комуникација и соработка со Дубравка Угрешиќ ги подготвија и преведоа нејзините книги: „Штефица Цвег во челустите на животот“, „Тука нема ништо“, „Црвеното училиште“ и „Тука нема ништо“. Наскоро ќе ја отвориме и нејзината изложба, нејзиниот интердисциплинарен подвиг во визуелните уметности „Црвеното училиште“.
Други нејзини дела преведени на македонски јазик се: „Доба на кожата“, „Европа во сепија“, „Лисица“, во изадание на Антолог, „Музеј на безусловното предавање“, „Забрането читање“, „Култура на лагата“, „Баба Јага снесе јајце“, „Министерство на болката“, „Нема никој дома“, во издание на Сигмапрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.
Култура
Вечерва во МКЦ почнува 11. издание на „Скопје синема сити 2025“: филмови за постпанк, блуз, хип-хоп и изложба на фотографии
Во киното „Фросина“ во МКЦ, вечерва во 19 часот ќе биде отворено 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Отворањето ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката на 29 и 30 октомври, ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.

