Македонија
Џафери-Лајчак: Да се направат уставните измени и конечно да се отворат преговорите по поглавја со Европската унија
На денешната средба со Специјалниот претставник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, посакувајќи му топло добредојде на гостинот, изрази и задоволство што утрешната средба во насока на тој дијалог ќе се одржи во Охрид.
„За мене, тоа секако претставува симболика која има свое значење и секако, признание за меѓународната позиција на нашата земја,“ нагласи претседателот Џафери. Тој истакна дека Република Северна Македонија има добри и пријателски односи со двете земји и како соседна држава, даваме голема поддршка на напорите на меѓународната заедница во постигнување на успех во намерата конечно да се најде взаемно прифатливо решение за двете страни. Во тој контекст, претседателот Џафери се надоврза на досегашниот успешен меѓународен пат на Република Северна Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, пред сѐ, преку примерот на успешно решавање на тешкиот и отворен спор што го имавме со Република Грција и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Република Бугарија. Тој продолжи дека очекувањата се да се направат уставните измени и конечно да ги отвориме преговорите по поглавја со Европската унија.
Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак се заблагодари за средбата со претседателот на Собранието и го изрази своето задоволство што е повторно во Република Северна Македонија која за него претставува земја во која има многу пријатели и земја која прва во регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација за членство во ЕУ. Тој во потполност се согласи со претседателот Џафери дека утрешните преговори во Охрид претставуваат убава симболика за една страна која е домаќин на оваа средба и која претставува фактор на стабилноста во регионот со досегашните резултати кои ги покажа на меѓународен план. Воедно г. Лајчак нагласи дека ова е прва средба во рамките на дијалогот Белград-Приштина која се одржува вон границите на Брисел и од тој аспект ова е признание за нашата земја. Тој го запозна подетално претседателот Џафери со досегашниот тек на преговорите меѓу Србија и Косово, со сите досегашни фази и забелешки во рамките на овие преговори како и чекорите на имплементација и изрази надеж дека утрешниот ден ќе донесе значително придвижување на овој процес.
Специјалниот пратеник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, меѓу другото, изрази интерес и за прашањата околу нашиот почеток на преговори со ЕУ и изрази лично уверување дека политичките актери во нашата земја ќе бидат свесни за моментумот и спремноста на ЕУ да ги почнеме преговорите по завршувањето на обврските околу правењето на уставните измени.
На крај на средбата, претседателот Џафери му посака на Лајчак успешна работа на утрешната средба во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

