Свет
Поранешниот украински претседател: Со Путин не се преговара, тој ќе продолжи да напаѓа други земји, следна е Босна
Поранешниот украински претседател Виктор Јушченко предупреди дека Русија нема да престане со својата експанзионистичка политика и ќе продолжи да напаѓа други земји, како што е Босна и Херцеговина, доколку сега не се запре руската агресија врз Украина.
„ Ако Украина не ја запре Русија, сега сте вие (БиХ) на ред – рече Јушченко во интервјуто објавено од босанско-херцеговската агенција „Фена“.
Јушченко беше претседател на независна Украина од 2005 до 2010 година, откако ја предводеше „Портокаловата револуција“ што доведе до соборување на промосковскиот режим.
Тој беше отруен со диоксин, а истрагата што беше спроведена ги потврди индициите за вмешаност на Русија во обидот за убиство на овој политичар кој отворено се залагаше за прозападна политичка ориентација и се залагаше за пристап на Украина за членство во НАТО.
Јушченко вели дека тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин за причините за нападот врз Украина поради наводната закана за безбедноста на руските граници се целосна глупост и посочува дека во текот на историјата, секогаш кога Украина сакала да биде независна земја, таа станувала цел на руските агресивни намери.
Тој ги нарече потполно неприфатливи повиците за прекин на војната во Украина со отворање преговори со Русија и признавање на окупацијата на делови од украинската територија, велејќи дека тоа ќе биде исто како да се преговара со Хитлер во 1942 или 1943 година.
„ Мирот може да се постигне на два начина – или си победник или капитулираш. Изберете – рече поранешниот украински претседател. Тој силно го поддржува гонењето на одговорните за воените злосторства во Украина.
„ Тие што ја започнаа оваа војна мора да завршат зад решетки. Не сакаме да ги предадеме 15 милиони Украинци кои се раселени поради оваа војна – рече Јушченко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Свет
Франција го одложува самитот на Г7 поради UFC борба на роденденот на Трамп
Франција ќе го одложи овогодинешниот самит на Г7 за да избегне преклопување со големиот спектакл на борби планиран во Белата куќа на 80-тиот роденден на американскиот претседател Доналд Трамп, на 14 јуни, објавува „Политико“, повикувајќи се на двајца функционери запознаени со планирањето.
Собирот на лидерите на најмоќните економии во светот првично беше закажан за 14-16 јуни во Евиан-ле-Бен, Франција, на брегот на Женевското езеро. Сепак, бидејќи датумот се совпадна не само со роденденот на Трамп, туку и со Денот на знамето во САД, самитот беше поместен и сега ќе се одржи од 15-17 јуни.
Причината за одложувањето е настан што Трамп го најави уште во октомври – „голема борба во UFC“ на тревникот на Белата куќа. Извршната директорка на „Ultimate Fighting Championship“, Дана Вајт, вчера за „CBS News“ потврди дека логистичките детали се финализирани и дека се очекуваат до 5.000 гледачи на Јужниот тревник на Белата куќа.
Канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон не сакаше директно да потврди дали промената на датумот, која сега е официјално објавена на веб-страницата на Г7, е поврзана со настанот на UFC. Тие само рекоа дека новиот распоред е „резултат на консултации со партнерите на Г7“.
Американската амбасада во Париз не одговори веднаш на барањето за коментар, а можноста за одложување на самитот поради роденденот на Трамп првпат ја објави локалниот медиум „LeMessager“.
фото/депозитфотос
Свет
Велика Британија, Франција и Германија: Употребата на „Орешник“ од страна на Русија е ескалација
Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија ја опишаа употребата на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ од страна на Русија во западна Украина како „ескалирачка и неприфатлива“, според резимето од нивниот повик објавено од канцеларијата на британскиот премиер, Кир Стармер.
Стармер разговараше за ситуацијата во Украина со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Русија употреби ракета со среден дострел „Орешник“ во напад врз западна Украина, објави денеска новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана. Ова е втор напад врз Украина во кој е употребено ова оружје.
Според руското Министерство за одбрана, нападот е извршен како одговор на „терористичкиот напад“ од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година. Украина го негираше нападот врз резиденцијата на Путин и ја обвини Москва за лажни тврдења за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.
Денови по самитот на кој европските земји ветија дека ќе понудат војници на Украина во случај на прекин на огнот, додека Вашингтон поддржа давање безбедносни гаранции за Киев, Европската унија соопшти дека Москва се обидува да ги заплаши сојузниците на Украина.
„Извештајот за употребата на ракетата „Орешник“ од страна на Русија е јасна ескалација против Украина и е наменет како предупредување до Европа и САД“, напиша шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на X. Таа додаде дека е потребно да се зајакне противвоздушната одбрана и „да се зголеми цената на оваа војна за Москва, вклучително и построги санкции“.
Русија прво испали ракета „Орешник“ кон украинскиот индустриски град Днепар во ноември 2024 година. Путин тврди дека западните системи за воздушна одбрана не се способни да го пресретнат „Орешник“ и рече дека може да погоди цели и во Западна Европа.
Западните воени аналитичари предупредуваат дека „Орешник“ е способен да носи нуклеарна боева глава.
фото/епа

