Македонија
Османи – Давидоју: Во фокусот пристапните преговори во ЕУ и реформите

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со специјалниот пратеник на Романија за Западен Балкан, амбасадорот Адријан Давидоју, кој престојува во работна посета на нашата држава.
Османи ја поздрави одлуката за назначување специјален претставник за Западен Балкан како израз на интересот на Романија за севкупните процеси во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Во фокусот на разговорите беа почнатите пристапни преговори за членство на нашата земја во Европската Унија, реформскиот процес и конзистентната политичка и техничка поддршка на Романија во тој контекст. Беше направен осврт и врз планираните уставни промени, со кои дополнително ќе се зајакнат демократските капацитети на нашата држава и општество.
Соговорниците разменија мислења за предизвиците на претседавањето со ОБСЕ и беа презентирани досега преземените активности на нашето претседавање со Организацијата во 2023 година. Се разговараше и за претседавањето со САД – Јадранската повелба, како и подготовките за претседавањето со процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое почнува во јули.
Во однос на последната средба на делегациите на Косово и Србија, беше нагласено дека изнаоѓањето решение за отворените прашања е од суштинско значење за целиот регион, а одлуката разговорите да се реализираат во Охрид претставува важно признание за Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.