Македонија
Драмски театар се простува од Мешковски: почина во својот дом во Лос Анџелес
По долго боледување, вчера, 20 март 2023 година, во својот дом во Лос Анџелес (САД) почина актерот Димче Мешковски, објавија преку соопштение од Драмскиот театар во Скопје.
„Доајенот на македонското глумиште, Димче Мешковски, беше вработен во Драмскиот театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година“, пишуваат од таму и додаваат:
„Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Широкиот дијапазон и талент на Мешковски го позиционира како актер што дал немерлив придонес играјќи повеќе театарски жанрови. Од драмскиот опус ги издвојуваме ролјите во претставите: ‘Смртта на Дантон’, ‘Балконот’, ‘Вишновата градина’, ‘Јане Задрогаз’, ‘Чернодрински се враќа дома’, ‘Зојкиниот стан’, ‘Калигула’, ‘Ревизор’, ‘Диво месо’…).
Наклонетоста кон комедијата му донесе голема популарност преку толкување на ликовите во претставите: ‘Сомнително лице’, ‘Солунски патрдии’, ‘Викенд на мртовци’, ‘Болва во уво’, ‘Маратонците го трчаат почесниот круг’. За улогата на Тасе во ‘Викенд на мртовци’, Димче Мешковски ја доби наградата за актерско остварување на МТФ, „Војдан Чернодрински“, во Прилеп. Добитник е и на наградата за животно дело, што ја доделува овој наш реномиран театарски фестивал.
Бесценет е ангажманот од неколку стотици ролји во радиодрами, во забавните и во хумористичните емисии, меѓу кои ‘Хихирику’ на Иван Карадак, како и телевизиските серии и емисиите за деца: ‘Да видам, да видам што да бидам’, ‘Тринаесеттиот клуч’, ‘Семафорот’, ‘Бајки’, ‘Училиште за кловнови’, ‘Големи и мали’, ‘Наши години’, ‘Пат кон иднината’, ‘Илинден’, ‘Смилевски конгрес’, ‘Прличев’. Мешковски снимил и голем број народни приказни од овој популарен телевизиски формат.
Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на македонската уметност на нахсинхронизација. Стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци Попај, Штрумфови, нинџа-желки и многу други.
Комеморацијата за почитуваниот актер Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмскиот театар Скопје на 28 март 2023 година, со почеток во 12 часот.
Димче Мешковски е добитник на наградата за животно дело, што ја доделува реномираниот македонски театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ во Прилеп“, велат преку соопштение од Драмскиот театар во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

