Македонија
Герасимовски: ТД „Енергија Центар“ од вчера регистрирано во Централниот регистар

Општина Центар вчера во Централниот регистар го регистрира трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ и со тоа општината и официјално го доби второто општинско јавно претпријатие. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, му се заблагодари и на помошник-директорот за финансии на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Вангел Андрески, кој ќе раководи со претпријатието една година, без никаков финансиски надоместок.
„Навистина се гордеам што Општина Центар ги носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии и што на моја иницијатива ја основа ‘Енергија Центар’, претпријатие што ќе носи голем бенефит за многу генерации по нас. Со реализацијата на овој проект Општината ќе биде електроенергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти, кои ќе им бидат од корист на граѓаните. Претпријатието ќе биде сместено во зградата на ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’, му се заблагодарувам на помошник-директорот за финансии, Вангел Андрески, што ни ги отстапи просториите со цел да не плаќаме кирија, но искрено благодарност му изразувам поради тоа што ќе го раководи претпријатието без финансиски бенефит цела година. Ова е потег преку кој се гледа силната желба да почнеме со работа за бенефит на сите во Центар“, рече Герасимовски при формирањето на трговското друштво.
Формирањето на трговското друштво „Енергија Центар“ овозможува олеснување на процедурата за инсталирање поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти, како основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти што се под надлежност на Општината.
Општина Центар преку „Енергија Центар“ може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за речиси 4,5 години.
Општина Центар преку формирањето на ова претпријатие го презема првиот чекор кон енергетска независност и се промовира како првата енергетски независна општина во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.