Економија
Ковачевски: Поддршката на Развојната банка за дигитализација овозможува раст и развој на економијата
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман Марти, и со директорот на Развојната банка, Кире Наумов, ја промовираа новата кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација за компаниите. Ковачевски во своето обраќање истакна дека целта на Владата е земјата да оди напред, да има силен економски раст и развој, затоа и заложбата за креирање можности за пристап до средства за инвестирање во имплементација на дигитални стратегии и планови, односно дигитална трансформација.
„Оваа кредитна линија е новина на пазарот, приспособена според потребите на пазарот и ќе биде во функција на искористување на придобивките на компаниите од процесот на дигитализацијата. Развојната банка во овој процес е пионер на пазарот и без сомнение дека поттик за вклучување добиваат и комерцијалните банки сè со цел да се забрза и засили циклусот на имплементација на дигиталната трансформација на компаниите.
Наша цел е да го интензивираме процесот на дигитализација како современ пристап за деловен развој и спроведување на определбата за дигитализација преку меѓусебно поврзување на академската заедница, на бизнис-секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и дејствување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира“, рече Ковачевски.
Северна Македонија поддршка за креирање на стратегијата обезбеди и од Светската банка, GIZ и ИМЕ-програмата, а беше финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Вероник Улман Марти, амбасадорката на Швајцарија, ја истакна важноста од дигитализацијата за економски раст.
„Врз основа на швајцарското искуство, активното учество на приватниот сектор во дефинирањето на политиките и мерките што влијаат врз нив, е предуслов за создавање средина што ќе овозможува процут на економијата. Затоа Швајцарија ја поддржува Националната развојна банка на Северна Македонија да изврши анализа за потребите за финансирање на дигитализацијата, со тоа што ќе допре до компаниите во земјата“, рече амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман.
Кире Наумов, директор на Развојната банка, истакна дека следејќи ги одредбите од стратегијата за смарт- специјализација на Владата на РСМ, како и препораките на анализата направена преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Развојната банка на Северна Македонија, од почетокот на овој месец воведува нова кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација.
„Кредитната линија е креирана со цел поддршката на компаниите што инвестираат во дигитализација и дигитална трансформација. Таа ќе се реализира преку квалификувани банки учеснички, со поволна каматна стапка од 2,9 % до крајните корисници. Компаниите ќе може да користат максимум 300.000 евра за набавка на основни средства до 8 години со вклучен грејс-период до 12 месец, и максимум 100.000 евра за обртни средства до 5 години со вклучен грејс-период до 6 месеци.
Развојната банка континуирано ги приспособува своите производи во насока на поддршка на компаниите во новонастанатите услови на работење“, истакна Наумов.
Развојната банка одигра значајна улога во време на економската, енергетската и ковид-кризата.
На стопанството му беа ставени на располагање и ЕИБ-кредитните линии со поволна камата, од кои 41 милион евра се пласираа од ЕИБ 6, а другите кредити беа пласирани од револвинг-средствата.
Со тоа од страна на Развојната банка за поддршка на стопанството за три години беа пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти, од кои само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра поволни кредити за поддршка на ликвидноста на компаниите, инвестиции во заштеда на енергија и инвестиции во обновливи извори на енергија. Преку реализација на кредитната линија за поддршка на компаниите погодени од енергетската и ценовната криза, на почетокот на 2023 година Развојната банка со поддршка на Владата, која дообезбеди средства поради големиот интерес, беа поддржани 262 компании во износ од 7,3 милиони евра.
Во време на ковид-кризата беа поддржани 4.134 компании со износ од 45 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

