Македонија
МОН најавува рекорден буџет за финансиски стимулации на учениците и студентите
Министерството за образование и наука (МОН) обезбедува континуитет во унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард, преку постојано зголемување на износите на постојните финансиски надоместоци и стимулации, но и воведување на нови кои во минатото не постоеја.
-Младите заслужуваат поддршка од државата која значи олеснување на семејниот и личниот финансиски товар и фокусирање кон вистинските цели на образованието – стекнување на што повеќе и поквалитетни знаења и вештини потребни за успешен настап и напредување на пазарот на трудот, информира МОН.
МОН и Владата, како што се наведува во соопштението, покренаа иницијатива за усогласување на износите на одредени категории на ученички и студентски стипендии, со што старите корисници со активни договори за стипендии ќе добиваат идентичен, зголемен месечен надоместок како и новите корисници.
-Исплатата ќе се реализира и ретроактивно, односно ќе следи надомест на разликата од изминатата учебна/академска година, како и за месеците од оваа учебна/академска година за корисниците со активни договори. За таа цел ќе се подготват спогодби, каде ќе биде регулиран начинот на ретроактивна исплата на стипендиите. За учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале и правото на ученичка/студентска стипендија е искористено, дополнително ќе се утврдува правен основ за ретроактивно исплаќање на разликата, посочуваат од МОН.
Во меѓувреме, како што велат од МОН, се реорганизира и начинот на исплата, со цел учениците и студентите редовно да ги добиваат месечните надоместоци по основ на стипендија.
-Новини ќе има и во исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Измените на постојното законско решение кои истото ќе го унапредат, се во собраниска процедура и по нивно усвојување, всушност ќе се обезбеди ново системско решение кое предвидува зголемување на износот на оброкот од 120 на 140 денари на ден, редовна исплата и регулирање на основот за кој средствата можат да се искористат, се истакнува во соопштението.
Од Министерство за образование и наука во соопштението посочуваат дека учениците и студентите се активни учесници во креирањето на политиките кои ги засегаат. – Така и ќе остане, бидејќи отвореноста, транспарентноста на институциите и интегрираниот пристап во дефинирањето на мерките и политиките, гарантираат носење на ефективни решенија, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

