Македонија
Инспекции ја тресат болницата во Битола по смртта на петгодишното девојче, на семејството не му се јавил никој од здравствените власти

Вонредниот надзор, кој треба да утврди како починало петгодишното девојче од Битола, е во тек, а досега здравствените институции не му се јавиле на семејството, кое излезе во повеќе медиуми со свои тврдења за тоа што се случило при лекувањето на Јана. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе се утврди фактичката состојба, па ќе се дадат сите информации.
„Да, имам информации. Разговаравме и вчера и денеска. Почнат е вонреден надзор. Информирано е Јавното обвинителство. Кога институциите ќе ги имаат сите детали, тие ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти треба да се утврди објективната состојба и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции онаму каде што ќе биде потребно“, рече Ковачевски.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека го чекаат исходот од надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тој очекува до крајот на денот да имаат и конкретни информации.
„Штом слушнавме, веднаш постапивме. Инспекциските служби се таму, чекаме информации. Со семејството немавме контакт. Чекаме исход од ДСЗИ и веднаш ќе бидете известени за целото постапување“, изјави министерот Фатмир Меџити.
Петгодишната Јана почина завчера (среда) во Клиничката болница во Битола. Директорот Александар Обедниковски рече дека таа била донесена дехидрирана со покачена температура, повраќање и со оток на очите.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“.
Тој и неговата сопруга убедени се дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузија, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.