Македонија
Тренчевска: Старите изнемоштени лица од општина Кисела Вода добиваат нова социјална услуга за помош и нега

40-ина лица над 65 години, на кои им се потребни грижа и нега, како и лица со намален функционален капацитет и попреченост, кои живеат на територијата на општина Кисела Вода, во наредниот период ќе почнат да ја добиваат неопходната помош и нега во рамките на своите домови. За нив секојдневно ќе се грижат 20 лиценцирани негуватели од центарот за нега во Кисела Вода, кои ќе им обезбедуваат помош во одржување на личната хигиена, при обезбедување на потребните производи, лекови и слично, како и во одржување на домот.
Развојот на оваа услуга е дел од сеопфатната социјална реформа на Владата и ресорното министерство, која финансиски е поддржана од Светската банка преку проектот за подобрување на социјалните услуги, а има цел да го одржи и подобри вкупниот квалитет на животот на корисниците во нивното семејно опкружување.
„Ефектите од воведувањето на ваквите нови социјални услуги, со кои значајното се подигнува квалитетот на живот на старите изнемоштени лица, кои, наместо во установа, неопходната грижа ја добиваат во својот дом, се вистинскиот показател за успешноста на социјалната реформа. Дополнително, преку оваа реформа се создадоа реални можности за работно ангажирање како негуватели на невработени лица, самохрани родители и лица од социјален ризик. Особено е важно што повеќето од нив се жени, што ја покажува посветеноста на Министерството за економско зајакнување на жените, особено на оние од ранливите категории. Сето ова говори дека стратешка определба на Владата и Министерството за труд и социјална политика за зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштија и подигнување на квалитетот на живот во земјата се остварува“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Со новиот центар ќе управува Црвениот крст на Град Скопје, кој за воспоставување на новата социјална услуга ја доби соодветната дозвола за вршење дејност од областа на социјалната заштита што ја издава Министерството за труд и социјална политика.
„Задоволни сме што нашата организација ги доби довербата и поддршката од Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Општина Кисела Вода, да ја организира работата на негувателите од новиот центар за нега, кои ќе обезбедуваат помош и нега на корисниците што живеат на територијата на оваа општина. Тргнувајќи од нашето досегашно искуство, сигурни сме дека нашите обучени негуватели ќе внесат нова свежина и радост во секојдневниот живот на корисниците помагајќи им да ги совладаат секојдневните предизвици и животни потреби“, изјави Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
За да се обезбеди поголема функционалност на системот и достапност на новите социјални услуги до оние на кои тие им се најпотребни, од клучно значење е улогата на општините, кои треба соодветно да ги препознаат потребите и барањата на жителите во нивните заедници и да подготват проекти за развој на социјални услуги со кои ќе аплицираат во ресорното министерство.
„Големо е моето задоволство што во општина Кисела Вода почнуваме со уште еден проект за подобрување на социјалните услуги, чија цел е значително да го унапреди квалитетот на животот на повозрасните и на лицата со попреченост, кои не се во можност во целост самостојно да се грижат за себе. Од денес преку трипартитниот договор потпишан помеѓу Кисела Вода, Минитерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на Град Скопје, за што на овие институции сакам искрено да им се заблагодарам, функционира центарот за нега како сервис за домашна нега и грижа на стари и немоќни лица, кои од страна на сертифицирани и професионални негуватели ќе добиваат услуги приспособени на нивните индивидуалните барања и потреби. Како општина со јасна стратегија за градење општество во кое услугите ќе бидат достапни за сите и во кое различностите се почитуваат и вреднуваат, Општина Кисела Вода реализира многубројни проекти за социјална грижа и инклузивност. Ќе потсетам дека Општина Кисела Вода е првата и единствена општина во која од пред два дена старите и немоќни лица добиваат посебен бесплатен транспорт за користење здравствена, социјална или друга административна услуга. Ова го реализираме заедно со Црвениот крст. Дополнително, ние сме првата општина што вработи лице со Даунов синдром и јас и како градоначалник, но и како претседател на ЗЕЛС, упатив апел овој чекор да го следат и сите други општини, но и институции од централната власт. Ќе потсетам и дека отворивме клуб за децата со церебрална парализа, а овозможивме и функционирање дневен центар за окупациона терапија за лица со попреченост. Се надевам дека ваквите позитивни примери ќе поттикнат големи промени и ќе донесат позитивни резултати во целата држава“, истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега се воспоставени и поддржани 22 проекта за воведување социјални услуги во 27 општини во земјата. Обезбедена е конкретна поддршка за развој на различен тип социјални услуги на локално ниво, како што се: помош и нега во домот, центри за активно стареење и дневни центри за лица со попреченост. За давање на услугите обучени се и лиценцирани над 300 лица, кои обезбедуваат стручна поддршка и нега за речиси 1.000 корисници.
Преку вториот јавен повик доделени и избрани се уште 12 проекти во 17 општини, кои се во фаза на лиценцирање и подготовка за спроведување на социјалните услуги. Се очекува до средината на годината да почнат да даваат услуги кон корисниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во Општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти кои не успеаја да ги зачуваат и надоградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност, бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите подеднакво – за култура, заеднички активности, образование и социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и еко-патеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.
Македонија
Општина Центар доделува стипендии за ученици во износ до 3.500 денари месечно

Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: спорт, култура и науки, техника, посебни вештини.
Стипендиите изнесуваат од 2.500 до 3.500 денари месечно во зависност од категоријата за која аплицираат, во текот на осум месеци од тековната учебна 2025/2026.
„Општина Центар и годинава инвестира во младите, во нивната креативност, знаење и спортски дух. Нивните постигнувања се афирмација не само за нашата локална самоуправа туку и за целата држава“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
Потребно е да се достави потврда за редовно школување или доказ за живеалиште , кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или организации каде е потребно.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр 1 со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за пријавување е 23 септември 2025 година, а ќе се разгледуваат само комплетни и навремено доставени пријави.
Македонија
Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност

Министерството за јавна администрација, денеска, го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки, кои се спроведуваат под слоганот „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од разни институции. Првите обуки почнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.
На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, многубројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и на граѓанските организации и други гости, обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација, која работи во служба на граѓаните.
„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, како и професионалноста, етиката, одговорноста, транспарентноста. Без овие основни вредности, ниеден закон, ниедна стратегија, ниедна визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, рече министерот Минчев.
Тој ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.
„Со зајакнување на знаењето на службениците ја зајакнуваме државата“, рече министерот.
Министерството работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската Унија во делот на јавната администрација.
„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава“, вели министерот Минчев.
Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Институтот „Вита“ и Економскиот факултет при УКИМ.
Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во Источниот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.