Македонија
Интервју со професор Горан Ајдински: УКИМ заслужува многу повеќе
Професоре Ајдински, Вие сте познат во универзитетскатa и во пошироката јавност како успешен декан во два мандата на еден од најголемите факултети – Филозофскиот факултет во Скопје. Познат стручњак во својата област дефектологија, а за нас новинарите и како човек што секогаш е достапен за разговор. Професоре, темата за рангирањето на Универзитетот била отсекогаш актуелна, но во последните години некако како да доминира во споредба со другите теми во високото образование. Што се случува со рангирањето, зошто за оваа тема постојат постојани несогласувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и какво е Вашето видување?
Темата со рангирањето на универзитетите отсекогаш била актуелна, но се сложувам, не толку како во последните години. Има објаснување зошто тоа е така. До 2016 година нашиот Универзитет одржуваше одреден континуитет на раст на светските ранг-листи, но потоа почна со неговиот пад. Факт е дека на некои листи, како што е на еминентната листа на SCImago, тој закрепнува и полека се искачува на ранг-листата. Но, за жал, место за задоволство, а уште повеќе за бомбастични изјави дека се случил не знам каков напредок, едноставно – нема. Анализирајте го само графиконот од достапните податоци на официјалната страница на SCImago од 2009 до денес. Може да видите дека УКИМ од 814. место во 2009 година, во мандатот на претходните ректорски управи до 2016 година, за седум години се искачи на 629. место (покачување за 185 места). На светските ранг-листи од калибарот на SCImago ова е сериозен напредок. Меѓутоа, во периодот од 2016 до 2020 додина, за четири години, УКИМ падна на 734. место (пад за 105 места). Факт е дека со последното рангирање има подобрување, но сѐ уште УКИМ не е на нивото на кое беше во 2016 година. Навистина, како професор не знам како да реагирам кога ќе слушнам коментар дека е добро тоа што УКИМ напреднал на ранг-листите, па уште се праќаат имејлови до сите професори дека напорите на менаџментот на УКИМ вродиле со плод итн. За каков напредок треба да зборуваме ако не може да ги продолжиме конитунитетот, напредокот и развојот на Универзитетот ако не успееме да ги задржиме позициите на ранг-листите од времето кога можевме да се пофалиме дека сме едни од најдобрите во регионот. Но, не зборуваме само за SCImago. Видете ги и другите ранг-листи (CWUR, Webometrics и др.).
Ова што Вие го кажувате навистина заслужува внимание. А што се случува, кој всушност се занимава со оваа проблематика?
Тоа не го кажувам јас, тоа го кажуваат јавно објавените податоци. Јас само се обидувам да ги интерпретирам и да си дадам самиот објаснување што се случува на УКИМ.
Вообичаено, ако има некој напредок на некоја ранг-листа, официјално професорите добиваат честитки на имејл и некој сака да си припише заслуга за напредокот и тоа е во ред. Но, кога оди УКИМ надолу, тогаш со тоа се занимаваат повеќе луѓе и почнуваат објаснувања дека базата на податоци не била релевантна, дека се сменила методологијата на рангирање, дека не знам што уште не се случило. И, накратко, секаде може да има грешка, освен кај нас.
А дали навистина може да се случи грешка на ранг-листите?
Веројатно може и грешки се случуваат. Но, она што мене лично ми пречи е тоа што секогаш грешката се бара кај другиот и секогаш прашањето се сведува на тоа да се мобилизираат што е можно поголем број експерти експресно да објаснуваат дека УКИМ е супер и сѐ е како што треба. Ние сме академска средина и треба да користиме академски методи. Доколку некој има документирани докази дека во некоја ранг-листа се случила грешка, има начин како тоа да се исправи. Се праќа писмо до институцијата што го извршила рангирањето со барање за корекција, а не соопштенија до професорите и јавноста со разни објаснување и убедувања. Со секое објавување на некое јавно веќе публицирано рангирање ситуацијата се повторува. Последниот пат нѐ убедуваа дека базата на податоци Google Scholar не била релевантна и слични небулози. Ако оваа база е нерелавантна, тогаш зошто сите во февруари 2021 година добивме писмо од ректорот задолжително да отвориме профил во три бази, меѓу кои и Google Scholar? И ако не е релевантна, зошто некои од тие што тоа го тврдат не му напишаат на „Гугл“ и не им кажат на луѓето таму дека базата не им чини?
Може ли да ни кажете поконкретно зашто толкава полемика за базите на податоци, каква е нивната улога во рангирањето?
Денес, во светот постојат голем број институции што вршат рангирање и имаат своја ранг-листа. Има многу, но можам да ви набројам барем десеттина што ги следам (Schangai, QS World University Rankings, Times Higher Education Ranking, Scimago, CWUR, Multiranking, RUR, AD ranking, Webometrics итн.). Кога институциите вршат рангирање, тие не ве познаваат ниту вас, ниту мене ниту моите колеги, туку тие повлекуваат податоци за тоа што е предмет на рангирањето во согласност со методологијата на рангирањето од некоја база на податоци. На пример, базата на Google Scholar ја користат Webometrics, AD Ranking и други, Scimago ја користи Scopus. Но, најголемиот број институции за рангирање ги користат Google Scholar и ResearchGate. Основното правило на секој што сака да врши рангирање е јасно да ги објави методологијата на рангирање и базата на податоци (или базите) што ги користи. И тука нема ништо нејасно. Нема правило дека еден ист универзитет на разни ранг-листи треба да биде на иста позиција. Друго е прашањето какви податоци од Универзитетот ние сме внеле во тие бази, дали податоците од нашите професори постојат само под името на УКИМ или и под друго име, големината на универзитетот, што секако има влијание во рангирањето и др. Уште еднаш да потенцирам, никогаш не треба апсолутно да се исклучи постоење грешка, но ако состојбата со Универзитетот е слична на сите ранг-листи, не сум убеден дека сите грешат. Што и да е причината, ректорот и проректорите требаше да го отворат ова прашање со една поширока консултација и дебата, во најмала рака не само со сегашната ректорска гарнитура туку и со поранешните декани и ректори, кои сигурно ќе дадеа значајни совети и мислења.

Ајдински говори и за рангирањето
Зошто за еден универзитет е важно да биде добро рангиран?
За рангирањето можеме долго да полемизираме дали и колку е тоа важно. За еден универзитет, пред сè, најважно е тој да биде добар универзитет кој ќе работи и ќе придонесува за развојот на државата. Но, рангирањето е битно за меѓународно легитимирање на универзитетот. Кога конкурираме за некој меѓународен проект, кога аплицираме во некоја асоцијација, за некој конзорциум, за некоја позиција и сл., секогаш тој од спротивната страна сака да види, едноставно кажано, со кого си има работа. Затоа е битно УКИМ да биде добро рангиран. Рангирањето само по себе нема веднаш да ни донесе финансии и да ни ги реши сите проблеми на Универзитетот, но ќе ни даде повеќе можности. Ние можеме безбројпати да повториме дека сме најстар, најдобар, најголем, но без меѓународна потврда, сето тоа многу не ни вреди зашто не е доволно да си најстар и најголем, туку како таков треба да бидеш и најпрогресивен и најавангарден во истражувањата, во идеите, во проектите.
Професоре, ги споменавте финансиите. Неодамна прочитавме една изјава дека кога ќе се покачат платите на професорите, ќе се подобрат и рангирањето и состојбата во науката. Дали финансиите се клучот за решавање на проблемот?
Не знам на која изјава мислите, јас исто така прочитав една изјава дадена во врска со покачувањето на платите, што воопшто не ми се допадна и имам, се разбира, за тоа поинакво мислење. Платите се плати, а финансирањето на науката е финансирање на науката. Каква врска има ниската плата со лошото рангирање на Универзитетот? Незначителна, иако знаеме дека не може да има мотивација кај наставниот кадар за работа без солидни примања. Во овој случај потребна е поголема посветеност, да не кажам преговори и притисок, за да се избориме за поголеми примања на релација Ректорат – МОН. Но, тоа е нешто друго.
Ако некој кажува дека платите на професорите треба да им служат за покривање трошоци за објавување трудови, тогаш нема за што да разговараме. Оној што тоа го кажува нема доволно познавање на системот. Финансирањето на науката треба да се решава одделно од платата. Ниту ако се покачи платата, ќе се покачат средствата за наука ниту, пак, ако се зголемат средствата за наука, ќе се покачат платите. Независно за кој универзитет станува збор, должност е на секој ректор, проректор за финансии, па и ректорска управа, да се борат и за двете.
Професоре Ајдински, би сакале да ја искористиме можноста да Ве прашаме и за последната актуелност на Универзитетот. Како што ни е познато, деновиве почна постапката за избор на нов ректор на Универзитетот за нареднниот мандатен период. Имате ли сознанија колку кандидати за ректор ќе има на овие избори? И да бидеме директни, планирате ли Вие да се кандидирате?
Бидејќи ме прашавте директно, така и ќе Ви одговорам. Да, планирам да се кандидирам.

Ајдински ќе биде кандидат за ректор, открива за „Макфакс“
Може ли барем накратко да ги слушнеме Вашите мотиви за кандидатурата?
Секако, иако во оваа фаза не би сакал да отворам теми за кои треба повеќе простор. Но, тоа што би можел да кажам е дека на УКИМ сум вработен релиси три децении и, за жал (а тоа не е само моја перцепција), УКИМ веќе повеќе години не е оној УКИМ што заеднички го градевме, што заеднички го чувавме, се гордеевме со него и се радувавме на секој успех. Не е тоа веќе УКИМ полн со задоволни студенти и професори. Јас повеќепати за многу прашања настапував критички и тоа можеби некому не му се допаѓаше, иако конструктивните спротивни мислења се тие што ги придвижуваат работите напред. Сето тоа беше со цел колку што можам да влијаам работите да се поправат. За жал, тие не одат во добра насока. Од позиција на ректор сакам да го дадам својот придонес и да го ставам на располагање своето долгогодишно искуство како наставно-научен работник и поранешен декан – со заеднички сили да го вратиме УКИМ таму каде што беше и каде што припаѓа – меѓу најдобрите универзитети, респектиран од сите, отворен универзитет, препознатлив на меѓународен план. Ќе биде навистина тешко, но мора да направиме многу повеќе за нашиот универзитет.
Што се однесува до другиот дел од Вашето прашање, дали ќе се јават други кандидати и кој ќе се јави, навистина не би знаел да Ви кажам затоа што конкурсот е отворен и секој има право да се кандидира. Кога велам има право, мислам на законското право. А ако говорам за етичкото и моралното, тогаш би рекол дека кој и да било што учествувал директно или индиректно во назадувањето на УКИМ би било премногу да го бара гласот од професорите и студентите.
На УКИМ му требаат промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

