Македонија
Веднаш да се расчисти случајот со починатото девојче, порача ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ бара целосно расчистување на случајот во болницата во Битола каде почина девојче од битолско Кравари. Партијата изрази сочувство до семејството и најблиските за оваа голема загуба.
Од тука велат дека од една страна е семејството на починатото девојче кое се сомнева на лекарска грешка, бидејќи состојбата на детето нагло се влошила по примена инфузија. Од друга страна има институционален молк за конкретниов случајов.
Според партијата, без да изразат грам сочувство првите луѓе во здравството, иако во текот на вчерашниот ден видно расположени присуствуваа на промоција на донација на одржување на простории на една клиника, не дадоа основни информации за случајот.
„Во јавност ја нема да се појави директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Рената Младеновска да реферира за овој, но ниту за било кој претходен случај. Без конкретни информации што се случило и со констатирање состојба, оваа клучна институција во здравствениот систем е целосно нетранспарентна, како воопшто да нема директор и заради ова во јавноста се отворени низа прашања во здравствениот сектор, за кои нема ниту еден одговор! Нема одговор ни колку надзори редовни и вонредни има извршено ДСЗИ во оваа установа, што е констатирано, а што преземено. Го нема ниту првиот човек во здравството, Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева да реферираат што точно се случило во битолската болница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Има само бледи најави за стручна комисија, велат од партијата, но јавноста од сите тие иницирани надзори во изминатиот период не виде резултат од ниту еден надзор досега На овој начин, како што се додава, директно или индиректно надлежните институции ги отвораат прашањата за третманот во конкретниот случај, наместо да ги одговорат прашањата од стручен аспект со стручни факти и аргументи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)
Македонија
Муцунски во Стразбур: Потврдена посветеноста за унапредување на демократијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стразбур, денеска оствари одвоени средби со Генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Шацивасилиу, и со Вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (CEB), Томаш Бочек.
На средбата со Генералниот секретар Деспина Шацивасилиу беше потврдена посветеноста на Република Северна Македонија за унапредување на демократијата, владеењето на правото и човековите права, како и активното учество на нашата држава во рамки на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Со Вицегувернерот Томаш Бочек беше нагласена континуираната поддршка и конструктивната соработка со Банката за развој на Советот на Европа преку реализираните проекти на CEB во Северна Македонија. Воедно, беа разгледани конкретните можности за понатамошно продлабочување на оваа соработка во контекст на европската интеграција и регионалната стабилност.