Македонија
Попладне се очекува пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со грмежи и засилен ветер од јужен правец, најави УХМР.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе почне да дува засилен ветер од северен правец, што ќе услови значително заладување, а на планините и на некои повисоки места врнежите ќе преминуваат во слаб снег. Минималната температура ќе се движи од 0 до 11, а дневната од 6 до 19 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од јужен правец. Температурата ќе се движи од 7 до 17 степени.
УХМР издаде предупредување дека утре времето ќе биде ветровито и студено со значително пониски дневни температури. Ќе дува силен северен ветер, наместа со брзина и над 70 километри на час. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учество на Делегацијата во ПС на НАТО на 70. годишна сесија во Монтреал, Канада
На 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржува од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествува Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав: Драган Ковачки, шеф на Делегација и пратениците Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата.
На пленарната седница ѝ претходеше одржување на постојаните комитети на ова собрание, на чиј дневен ред се разгледуваа повеќе извештаи и предлог-декларации, за усвојување на седницата. Парламентарците ја потврдија нивната силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна само-одбрана, согласно принципите на Обединетите нации. Истовремено, беше поддржана актуелната адаптација на НАТО согласно новите стратешки предизвици, со апел до земјите да ги зголемат трошоците до одбраната над 2% од БДП за подобар придонес кон колективната одбрана.
Во однос на зголеменото поврзување на автократските сили ширум светот, особено Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и Белорусија и нивните стратегии за поткопување на демократските вредности, единствен беше ставот за засилено делување и унапредувањето на заедничките активности на земјите од Алијансата, со цел подобро справување со овие закани по модерните општества и граѓаните. Во тој контекст, членките беа повикани исто така целосно да ги спроведуваат постојните и секундарните санкции и да вршат поголема контрола во извозот на воена технологија. Регионот на Западен Балкан и Црното Море, како и глобалниот југ, беа детектирани како можни точки за дестабилизација и надворешни влијанија од трети страни и од тие причини, беше постигната согласност за зајакнување на поддршката на НАТО преку заеднички активности со овие земји. Пратениците го поздравија унапредувањето на соработката со партнерите на Алијансата кои споделуваат заеднички вредности и нивната поголема вклученост во активностите на Парламентарното собрание на НАТО.
Шефот на Делегацијата Драган Ковачки, на учеството на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, ги извести и покани своите колеги за нашата иницијатива да бидеме домаќини на следниот состанок на Комитетот во април идната година во Скопје, во годината кога ќе ја одбележиме 5-годишнината од влезот на земјата во НАТО како 30-ти сојузник. Настанот ќе биде можност уште еднаш да ја потврдиме нашата посветеност кон исполнување на целите и да понудиме наши искуства и капацитети за одбранбени и воени прашања важни за овој дел на крилото на НАТО, посочи Ковачки.
На пленарната седница, свои пригодни обраќања имаа: Џастин Трудо, премиер на Канада, Руслан Стефанчук, претседавач на Врховната Рада на Украина, Рејмонде Гање, спикер на Сенатот на Канада и Борис Руге, в.д. заменик-генерален секретар на НАТО. Беа усвоени пет резолуции и препораки за владите на земјите членки на НАТО: Идно докажување на Алијансата и поддршка на Украина со победа, Зајакнување на интегрираната воздушна и ракетна одбрана на НАТО, Борба против сексуални насилства за време на конфликт, Галванизирање на технолошката предност за поддршка на просперитетот и безбедноста на Алијансата и Искористување на можностите за одговорна употреба на вештачка интелигенција во воениот домен. Парламентарното собрание избра ново раководство на сесијата, со Маркос Перестрело де Васконселос од Португалија за претстедател и пет потпретседатели: Џули Деровиц од Канада, Сер Алек Шелбрук од Обединетото Кралство, Мико Савола од Финска, Агнес Вадаи од Унгарија и Јохан Вадерфул од Германија. На Аврил Хејнс, првата жена директор на Националното разнузнавање на САД, и беше доделена наградата Жени за мир и безбедност на ПС на НАТО за 2024 година.
Македонија
61-годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија
61-годишна жена го роди своето прво дете на Клиниката за гинекологија.
Жената се породила пред неколку дена и важи за најстарата жена што го родила своето прво дете во Македонија.
Според информациите мајката и бебето се во стабилна состојба.
Детето е зачнато преку ин витро процедура.
Македонија
Заврши COP29, центарален фокус на финасирањето за климата
Во Баку, Азербеиџан, во периодот од 11-22 ноември се одржа 29-от состанок на страните на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, 19-от состанок на страните на Протоколот од Кјото и 6-от состанок на страните на Договорот од Париз, заедно со 61-от состанок на помошните советодавни тела за наука и техника и за спроведување.
На конференцијата, Република Северна Македонија беше претставена на највисоко ниво, со делегација предводена од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова во чиј состав учествуваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Конференцијата на ОН за климатски промени (COP29) заврши со нова финансиска цел да им помогне на земјите да ги заштитат своите луѓе и економии од климатски катастрофи и да ги споделат огромните придобивки од внесот на чистата енергија, извести Министерството за животна средина.
Со централен фокус на финансирањето за климата, COP29 обедини речиси 200 земји во Баку, Азербејџан и постигна договор што ќе овозможи:
· Тројно финансирање на земјите во развој, од претходната цел од 100 милијарди американски долари годишно, до 300 милијарди долари годишно до 2035 година.
· Сигурни напори на сите актери да работат заедно за зголемување на финансиите во земјите во развој, од јавни и приватни извори, до износ од 1,3 трилиони американски долари годишно до 2035 година.
Формално позната како Нова колективна квантифицирана цел за климатски финансии (NCQG), беше договорена по две недели интензивни преговори и неколку години подготвителна работа, во процес кој бара сите нации едногласно да се согласат за секој збор од договорот.
Оваа нова финансиска цел е осигурителна полиса за човештвото, во услови на влошување на климатските влијанија што ја погодуваат секоја земја“, рече Сајмон Стил, извршен секретар на ОН за климатски промени, додавајќи дека навреме мора да се држат ветувањата, за да се заштитат милијарди животи.Тоа ќе го одржи растечкиот бум на чистата енергија, помагајќи им на сите земји да ги споделат нејзините огромни придобивки: повеќе работни места, посилен раст, поевтина и почиста енергија за сите. Меѓународната агенција за енергија очекува глобалните инвестиции за чиста енергија да надминат 2 трилиони американски долари за прв пат во 2024 година.
Новата финансиска цел на COP29 се надоврзува на претходно постигнатите чекори на глобалната климатска акција на COP27, која договори историски фонд за загуби и штети и COP28, која донесе глобален договор за транзиција од сите фосилни горива во енергетските системи брзо и правично, тројно обновливи извори на енергија и зајакнување на отпорноста на климата.
COP29, исто така, постигна договор за пазарите на јаглерод – што неколку претходни COP-ови не беа во можност да го постигнат. Овие договори ќе им помогнат на земјите да ги испорачаат своите климатски планови побрзо и поевтино, и да постигнат побрз напредок во преполовувањето на глобалните емисии оваа деценија, како што бара науката, соопшти Министерството за животна средина.
Постигнати се и важни договори за транспарентно известување за климата и адаптација.
Република Северна Македонија се придружи кон следниве декларации:
• COP29 Заложба за глобално складирање на енергија и мрежи (COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge)
• COP29 Заложба за зелени енергетски зони и коридори (COP29 Green Energy Zones and Corridors Pledge)
• COP29 Декларација за засилена акција во туризмот (COP29 Declaration on Enhanced Action in Tourism)
• COP29 Декларација за вода за климатски активности (COP29 Declaration on Water for Climate Action)