Македонија
Ахмети – Џачка: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобрата гаранција за стабилност во Европа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/Ahmeti-Xhaçka-3.jpeg)
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска оствари средба со албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
Патот кон евроинтеграциите, процесот на реформите и уставните измени, случувањата меѓу Косово и Србија, како и економската соработка, беа теми на разговор меѓу Ахмети и Џачка.
За тридецениските дипломатски односи Ахмети ѝ се заблагодари на Џачка за одличното партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, а билатералната соработка е оценета на ниво, но со потреба од продлабочување на соработката во новите проекти, кои се во интерес на двете земји.
Тема на разговор меѓу Ахмети и Џачка беа и реформите што се случуваат во земјата, како и потребата од уставни измени, како неодолива потреба Република Северна Македонија да го продолжи процесот на европска интеграција. Исто така, Ахмети ја информира Џачка за заедничкиот европски фронт, кој има цел да го финализира овој процес со членството на земјата во ЕУ како единствена алтернатива.
Во разговорот беше ставен посебен акцент на процесот на европската интеграција бидејќи двете земји чекорат по истиот пат и развојот се одвива во континуирани чекори, вклучително и скрининг-процесот.
Ахмети и Џачка разговарале и за случувањата меѓу Косово и Србија и постигнатиот договор во Охрид како единствена можност за мир и просперитет на Балканот, а во оваа пригода и за силната поддршка на Скопје и Тирана за целосно и неселективно спроведување на одредбите од овој договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Министерот Тошковски претседаваше со конститутивната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/449630277_122162759648197509_1806381321720411464_n.jpg)
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес како претседавач на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, присуствуваше на конститутивната седница на комитетот која се одржа во просториите на Центарот за управување со кризи.
На седницата присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за здравство Арбен Таравари и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
На средбата, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информираше за мигрантската кризна состојба на јужната и северната граница, кризната состојба во КПУ „Идризово“, како и за бројот на пожари на отворен простор и ресурсите за нивно гаснење.
„Продолжуваме посветено да работиме на надминување на овие предизвици, обезбедување брза и ефикасна реакција во кризните ситуации, се со цел поголема безбедност за нашите граѓани“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Средба Муцунски –Лудва: изразен интерес за искористување на потенцијалот за натамошно развивање на економската соработка меѓу двете земји
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/mucunski-ludva-2.jpeg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денес оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше истакнато взаемно задоволство од одбележувањето на 30-години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со развиена соработка во многу сфери и отворен и продлабочен дијалог по сите клучни прашања за двете земји.
Министерот Муцунски се заблагодари за силната чешка поддршка за процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, особено нагласена и преку Вишеградската и Групата на пријатели на проширувањето, како и преку т.н. Славков формат. Притоа, ја потенцира цврстата определба на новата влада за забрзување на евроинтеграцискиот процес и спроведување на клучните реформи.
Министерот изрази интерес за искористување на потенцијалот за натамошно развивање на економската соработка меѓу двете земји во повеќе области, меѓи кои и во енергетскиот сектор и земјоделството. Притоа, изразувајќи задоволство од порастот на трговската размена во изминатите години, Муцунски ја нагласи важноста од натамошен фокус на унапредувањето на бизнис релациите, што ќе биде меѓу приоритетите на Министерството во следниот период.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на „Табановце“ и „Богородица“, се чека околу 30 минути
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/DJI_0486.00_05_25_44.Still006.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Нa ГП Табановце и Богородица има зголемена фреквенција на возила за излез од Мaкедонија, време на чекање околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.