Спорт
Анчелоти: Сакам и следната сезона да го предводам Реал Мадрид
Еден од најтрофејните тренери во светот, искусниот Италијанец Карло Анчелоти, сѐ почесто се споменува како нов селектор на бразилската репрезентација.
Сепак, актуелниот тренер на европскиот шампион Реал Мадрид има поинакви планови за продолжението на кариерата. Тој има само една желба, да остане на клупата на „кралскиот клуб“ до крајот на кариерата.
„Сакам да продолжам да го тренирам Реал, среќен сум во Мадрид. Тоа веќе го кажав многу пати. Сакам да ја завршам тренерската кариера во Реал“, изјави Анчелоти за шпанска „Марка“.
Така, четирикратниот освојувач на Лигата на шампионите ги демантираше гласините дека на крајот на сезоната ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ и ќе го преземе Бразил.
Истовремено, тоа значи дека Џулијан Нагелсман нема да го преземе Реал ниту следното лето, освен ако раководството на Реал Мадрид не му даде отказ на Анчелоти, што е тешко за верување.
Под водство на Анчелоти, Реал Мадрид оваа сезона стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, но ќе биде тешко да се одбрани титулата во Ла Лига, бидејќи моментно има 12 бода помалку од Барселона со исто толку натпревари до крајот на шампионатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Српскиот претседател Вучиќ го прими Јусеин Болт – атлетичарот ќе биде амбасадор на „Експо 2027“

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Палатата Србија се сретна со повеќекратниот олимписки шампион и рекордер во спринт, Јусеин Болт.
Вучиќ и Болт ќе се обратат на медиумите по средбата.
На средбата присуствуваа и првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали и директорот на компанијата „Експо2027“ од Белград Душан Боровчанин.
Вучиќ утрово изјави дека легендарниот спортист и повеќекратен олимписки шампион Јусеин Болт ќе биде еден од промоторите на специјализираната изложба „Експо 2027“ што ќе се одржи во Белград, и нагласи дека ова е голема работа за Србија.
Вучиќ рече дека со доаѓањето на Болт, промоцијата на „Експо“ е подигната на спектакуларно ниво.
Болт е најпознатиот атлетичар во историјата, спринтер чии рекорди на 100 метри и 200 метри се активни од 2009 година и Светското првенство во Берлин.
Јусеин Болт е сопственик на осум златни олимписки медали, 11 медали од светски првенства, како и два сребрени и еден бронзен на планетарни првенства.
Болт никогаш не бил поразен на Олимписките игри, а од 2008 до 2016 година ги победил сите свои соперници.
„Експо 2027“ ќе ја чини Србија 1,3 милијарди евра само на директни трошоци. Сепак, на нив мора да се додадат и оние што не се официјално вклучени во центата на „Експо 2027“, но се неразделен дел од манифестацијата.
Станува збор за огромни интервенции во областа на инфраструктурата, сообраќајот и капиталните проекти, како што е Националниот стадион со капацитет од 55 илјади седишта. Со нив, трошоците за директни и индиректни инвестиции за Експото ќе изнесуваат 17 милијарди евра.
Сето ова за настан што ќе трае само три месеци, од мај до август 2027 година. Затоа проектот Експо со месеци предизвикува бурни реакции и критики во српската јавност, а многумина го сметаат за контроверзен поради огромните трошоци.
Да ве потсетиме дека претседателот Вучиќ се соочува со седум месечни протести низ целата земја, кои започнаа поради корупцијата во Србија, а Експо 2027 е уште една во низата теми што ја делат јавноста, која е огорчена од фактот дека за време на режимот на Вучиќ, капиталните проекти се преплатени многукратно.
Спорт
Динамо плати 3 милиони евра за екс-играч на Рома

Гонзало Виљар (27) е нов играч на Динамо Загреб. Станува збор за играч кој во Загреб дојде од шпанскиот второлигаш Гранада. Виљар најдобро се снаоѓа на позицијата заден играч за врска, а оваа сезона има 40 настапи за Гранада, постига два гола и една асистенција. Тој потпиша повеќегодишен договор со Динамо.
„Штом слушнав за интересот на Динамо, не се двоумев ниту секунда. Среќен сум што пристигнав во Загреб и се радувам на новите предизвици што ме очекуваат тука. Слушнав многу за клубот, со оглед на одличните резултати во Европа, а исто така сум добар пријател со Раул Торенте и Дани Олмо, кои ми кажаа сè за Динамо и фантастичните навивачи кои го следат клубот. Веднаш се фаќаме за работа. Најважната цел е да ја вратиме титулата во Загреб“, рече Виљар на презентацијата.
Шпанецот има богато искуство. Играше за Валенсија, Елче, Хетафе, Рома и Сампдорија, а во Гранада е од летото 2023 година, кога пристигна од Рома за 1,8 милиони евра.
Тој одигра и еден натпревар за шпанската репрезентација и беше стандарден млад репрезентативец.
Пред четири години, Виљар вредеше 15 милиони евра на фудбалскиот пазар, а имаше 64 настапи за Рома.
Денес, неговата вредност е два милиони евра (според Трансфермаркт), а тој беше под договор со Гранада до летото 2027 година.
Шпанските медиуми објавија дека Гранада треба да добие три милиони евра со 15 проценти од следниот трансфер.
Спорт
(Видео) Антонио се врати на теренот по ужасната сообраќајна несреќа

Мајкл Антонио, репрезентативец на Јамајка, се врати на теренот по сериозната сообраќајна несреќа во која беше вклучен кон крајот на минатата година.
На 7 декември, Антонио се удри со своето Ферари во дрво недалеку од Лондон, а во несреќата ја скрши бутната коска на четири места.
Тој исто така рече дека лекарите му рекле дека закрепнувањето ќе трае од шест до 12 месеци, а тој се вратил на фудбалот многу побргу.
Антонио влезе во игра во 85-та минута, но не можеше да го спречи поразот на карипската селекција во првото коло од Голд Купот против Гватемала (0:1).
Стрелец на единствениот гол беше Оскар Сантис.
Антонио одигра повеќе од 300 натпревари за Вест Хем откако пристигна во 2015 година од Нотингем Форест.
Неговиот договор со „Чеканите“ истекува на 30 јуни, и засега не е познато дали ќе остане во Лондон.