Свет
(Видео) Поранешна ученичка уби шест лица во училиште во САД – објавени нови детали од нападот
Вчера, три деца и три возрасни лица беа убиени во пукање во приватно основно христијанско училиште во Нешвил, на југот на САД. Нападот го извршила 28-годишна жена идентификувана како Одри Елизабет Хејл, поранешна ученичка на училиштето, која била убиена од полицијата на местото на настанот. Убиените деца биле на возраст меѓу осум и девет години.
Џон Дрејк, началникот на полицијата во Нешвил, му се обратил на напаѓачот со женска заменка, но на прашањето на новинарите појасни дека Одри Елизабет Хејл се изјаснила како трансродова личност. Сè уште не е јасно дали напаѓачот е официјално идентификуван како жена или маж.
Active shooter Audrey Elizabeth Hale drove to Covenant Church/School in her Honda Fit this morning, parked, and shot her way into the building. She was armed with 2 assault-type guns and a 9 millimeter pistol. pic.twitter.com/mIk2pDmCwQ
— Metro Nashville PD (@MNPDNashville) March 28, 2023
Полицијата во Нешвил објави видео на кое се гледа како напаѓачот влегува во училиштето. На снимката, која се чини дека е од надзорните камери во зградата, се гледа како Одри Хејл пука во влезната врата и потоа се качува низ скршеното стакло за да влезе.
Таа носела црвена капа, маскирни панталони и нешто што личело на заштитен елек. Хејл носеше автоматска пушка во едната рака, а второто слично оружје висеше од нејзиниот лев колк.
Полицијата претходно објави слики од местото на злосторството, на кои се гледа дека Одри Хејл се подготвува да пука кога пристигнала полицијата. Според полицијата, таа пукала во нивните возила додека се приближувале.
Портпаролот на полицијата за „Еј-би-си њуз“ изјави дека Хејл е родена како жена, но истакна дека нејзиниот профил на социјалните мрежи вели дека ја користела заменката „тој“. Во краткото телефонско интервју за „Еј-би-си њуз“ мајката на Хејл, Норма, вели: „Многу, многу е тешко во моментот“. „Мислам дека денес ја изгубив ќерка ми“, рече таа.
Еден сосед на семејството за „Еј-би-си њуз“ изјави дека Одри Хејл живеела во семејната куќа со своите родители, кои ги опишал како „многу добри“ и „многу религиозни“. Хејл дипломирала на колеџот за уметност и дизајн во Нешвил во 2022 година, потврди претседателот и извршен директор на училиштето, Сајрус Ватандост, за „Еј-би-си њуз“.
„Додека беше во нашето училиште, таа беше талентиран уметник и добар ученик“, рече Ватандост. „Нашите мисли и молитви се до нејзиното семејство, жртвите и нивните семејства и нашиот град. Објавата на фејсбук-страницата на училиштето, која во меѓувреме е отстранета, покажа дека Хејл заработила најмалку една награда за добри академски перформанси.
„Покрај уметноста, уживам во играње игри, гледање филмови и спортување“, напиша Хејл на својата лична веб-страница. „Има еден детски дел од мене, кој сака да трча низ игралиштето“, додава таа во напишаното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Иран пред нови преговори, Трамп со предупредување
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека иранскиот врховен лидер треба да биде многу загрижен во пресрет на првите официјални преговори меѓу САД и Иран, по американските напади врз иранскaта нуклеарна програма минатата година, објави Си-Ен-Ен.
Трамп изјави дека Иран ќе се соочи со сериозни последици доколку се обиде повторно да ја активира својата нуклеарна програма, додавајќи дека Вашингтон внимателно ги следи таквите обиди. Истовремено, Иран предупреди дека ќе одговори непосредно и решително на секој евентуален напад, вклучително и со удари врз американски цели во регионот.
Преговорите меѓу двете земји се закажани за утре во Маскат, главниот град на Оман, каде што ќе учествуваат иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Сепак, двете страни имаат различни очекувања од разговорите.
Според американската администрација, преговорите треба да ги опфатат не само нуклеарните активности на Иран, туку и балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон сопственото население. Од иранска страна, пак, се најавува дека разговорите ќе бидат ограничени на нуклеарната програма и укинувањето на санкциите.
Трамп истакна дека по американските напади арапските земји повеќе не се плашат од Иран и оцени дека уништувањето на нуклеарната програма било клучно за стабилноста на Блискиот Исток. Во меѓувреме, напнатоста во регионот продолжува да расте, со низа инциденти меѓу американските и иранските сили во Арапското Море и Ормутскиот Теснец.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

