Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Само партиското правосудство на СДС и ДУИ не гледа случај во скандалот со надзорот што го избраа Груби и Ковачевски
Јавното обвинителство нека не се прави слепо при очигледен скандал со изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д, што го спроведоа Ковачевски и Груби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинителството нека не се однесува како заштитник на криминалот и веднаш да постапи бидејќи во овој случај има толку очигледни прекршување што само партиските структури во правосудните органи не сакаат да ги видат.
Конзорциумот што го избраа Ковачевски и Груби наплатил 900 илјади евра за еден месец за ангажирање само 4 лица за изготвување само еден договор. Истите овие 4 лица дополнително ќе поделат други 300 илјади евра по истиот основ, што е огромна сума за многу побогата држава од Македонија. Во време кога во Македонија нема пари да се испечатат учебници во образованието, еден милион евра се исплатени за пишување еден договор“, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, додаваат од таму, и другите исплати поврзани со надзорот се енормни.
„Така, цените што се наведени за инженери и надзорници се и до 7 пати поголеми од оние што се плаќани на други проекти. Најголем дел од овој 22 милиона евра тежок тендер ќе помине преку фирмата ‘Електра солушн’, која до неодамна се занимавала со шиење гаќи, а ќе се омрсат и компаниите ‘Евроконсалтинг’, која се поврзува со Димитриевиќ, кој избега од Ерменија поради обвинение за корупција, и фирмата ‘Ептиса’, која самата Влада ја забрани за соработка и даде негативна референција.
Ковачевски и Груби сето ова свесно го организирале, но да имаше правна држава, каква што нема досега, ќе се отвореше постапка и случајот ќе почнеше да се испитува. За криминалите на оваа власт, ќе има одговорност, но и за оние институции што требало тоа го спречат, но молчеле“, реагираат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

