Свет
Истражувањата покажаа дека сите хормонски контрацепции го зголемуваат ризикот од рак на дојката
Сите хормонски контрацептиви го зголемуваат ризикот од развој на рак на дојката, вклучително и сè попопуларната пилула само за прогестерон, покажува новото истражување. Научниците што го спроведоа истражувањето нагласија дека зголемениот ризик од развој на рак на дојката треба да се мери со придобивките од хормоналните контрацептиви, вклучително и заштитата што ја обезбедуваат од други форми на рак кај жените.
Претходните истражувања утврдија зголемен ризик од развој на рак на дојката во случај на земање двохормонални или комбинирани контрацептиви, кои содржат и естроген и прогестерон. Употребата на контрацептивни средства само со прогестерон е зголемена во последните десет години, но претходно беа спроведени малку истражувања за нивната поврзаност со ракот на дојката.
Истражувањето, објавено во списанието PLOS Medicine, покажа дека ризикот од развој на рак на дојката кај жените е приближно ист во случај на земање хормонални контрацептиви што содржат и естроген и прогестерон, како и кај оние што содржат само прогестерон. Според истражувањата, жените што користат хормонална контрацепција имаат 20-30 отсто поголем ризик за развој на рак на дојката во споредба со оние што не ја користат.
Резултатите се слични на оние од една голема студија од 1996 година. Ризикот е приближно ист, без оглед на начинот на употреба – орална пилула, спирала, имплант или инјекција – без разлика дали се работи за комбинирана пилула или само прогестерон.
Имајќи предвид дека веројатноста за рак на дојката се зголемува со возраста, авторите на истражувањето го пресметале апсолутниот ризик поврзан со земање хормонални контрацептиви.
Осум случаи на рак на дојката на 100.000 жени биле забележани кај жени на возраст меѓу 16 и 20 години што земале хормонална контрацепција во период од пет години. Меѓу оние на возраст меѓу 35 и 39 години регистрирани се 265 случаи на 100.000.
„Никој не сака да слушне дека хормоните што ги земаат ќе го зголемат ризикот од развој на рак на дојката 25 проценти“, вели Џилијан Ривс, професор по статистичка епидемиологија на Универзитетот во Оксфорд и коавтор на студијата.
„Овде зборуваме за многу мало зголемување на апсолутниот ризик. Таквото зголемување треба да се гледа во контекст на она што го знаеме за многуте придобивки од земањето хормонални контрацептиви“, додаде Ривс.
Истражувањата исто така потврдија дека ризикот од развој на рак на дојката се намалува откога жената ќе престане да користи хормонална контрацепција.
Истражувањето опфати податоци собрани од речиси 10.000 жени на возраст под 50 години, кои развиле рак на дојката помеѓу 1996 и 2017 година во Обединетото Кралство, каде што употребата на контрацептивни средства само со прогестерон сега е исто толку распространета како и употребата на комбинирани контрацептиви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

