Македонија
Министерски состанок на САД – Јадранската повелба (А5) во Скопје: Османи најави нов стратешки концепт

Во рамките на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската повелба во Скопје се одржа првиот неформален министерски состанок, со кој претседаваше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во фокус на дискусиите беа можностите за зајакнување на политичката улога на Повелбата во контекст на тековните регионални состојби и безбедносни предизвици, при што Османи ја претстави амбициозната цел – лансирањето процес за создавање нов стратешки концепт на А5, како и другите приоритети на претседавањето.
„По две децении постоење, геополитичките околности во регионот и пошироко се значајно променети, а особено по актуелната воена агресија на Русија врз Украина. Дополнително, А5 во голем степен ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана. Денес, практично, сите три земји основачи, дополнително и Црна Гора како подоцнежна членка на Повелбата, се членки на НАТО. Оттука, нашата цел е да ја адаптираме А5 на актуелните состојби и да ја зајакнеме нејзината политичката улога во насока на полесно справување со современите безбедносни и регионални предизвици“, истакна претседавачот Османи.
Воедно, Османи нагласи дека меѓу приоритетите на претседавањето со А5 се заложбите за зајакнување на координацијата меѓу земјите на Повелбата што се членки на НАТО, поголем ангажман и вклученост на земјите од Повелбата што не се членки на алијансата, како и проширување на регионалната соработка за актуелни теми, како справувањето со хибридни и сајбер-закани, стратешки комуникации и сл.
Денешниот состанок беше заокружен со усвојување заедничка изјава од страна на земјите членки со две значајни пораки: поддршка за политиката на отворени врати на А5 преку подготвеност да се адресира што е можно побргу апликацијата на Косово за членство во А5; осуда на руската воена агресија и поддршка за Украина.
САД – Јадранската повелба претставува најважната иницијатива за промоција на евро-атлантските вредности во регионот. Покрај Северна Македонија, членки на иницијативата се Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, и Црна Гора; а Косово, Србија и Словенија имаат статус на земји набљудувачи. Како стратешки партнер и основа во А5 присутни се и САД, што на оваа иницијатива ѝ дава посебна политичка тежина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.
Македонија
Мицкоски: Тројната оска СДСМ-ДУИ-Левица функционира затоа што власта им е помила од се во животот

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес имаше свое обраќање од народниот митинг одржан во општина Дојран, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври. Тој зборуваше за како што вели, полуформалната коалиција на СДСМ-ДУИ-Левица за претстојните локални избори, тоа е истата таа коалиција од претходната власт која не остави никаков печат, освен грабеж и опустошување на државата.
„На овие избори имаме две опции. Трета опција нема. Едната опција е една, полуформална, на моменти неформална, а по својата длабока суштина, многу формална коалиција, во која што членуваат политички партии кои што се здружиле поради две основни цели“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека она што ја обединува желбата за власт кај оваа коалиција за претстојните локални избори е желбата за власт, по секоја цена, па дури и по цена на погазување на сопствените принципи, а како што вели тој, ја обединува и заедничката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Првата е власта и желбата за власт. А, втората е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата СДСМ-ДУИ и политичката партија Левица. Се осојузиле Венко, Али и Димче затоа што власта им е помила од се во животот, па дури и од сопствените принципи, но и патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ е толку силна што успеа да ги премости сите нивни разлики, и политички и лични, само за да се обединат и да се обидат на овие избори да направат некаков резултат. Тоа е првата опција“, истакна Мицкоски.
Како што вели Мицкоски, претходната власт, која коалицира повторно за овие локални избори, освен што ја опустоши и ограби државата, ја распродаде и потпишуваше секакви договори, не оставија никаков друг печат.
,,Втората опција е коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе ги анализирате овие две опции, тогаш ќе дојдете до неколку заклучоци. Првиот заклучок е дека, оваа прва опција, оваа коалиција помеѓу Венко, Али и Димче, покрај тоа што се обединиле со една цел, а тоа е власт. Тие практично со својата порака на овие избори, а тоа е, ,,Се бориме за нашиот дом“, јасно не потсетуваат дека имаа 7 години влада во Македонија, 7 години можност, да се борат за нашиот заеднички дом, нашата татковина Македонија. А, освен тоа што направија голем пустош, ја ограбија практично Македонија, ги опљачкаа граѓаните во Македонија, ја распродадоа Македонија, потпишуваа секакви договори, друг спомен, друга меморија од тие 7 години буквално никој не може да се сети“, вели Мицкоски.
Мицкоски потсети и на говорот на еден од претходните претседатели на СДСМ од собраниската говорница, што посочува како СДСМ коалицира со Левица одамна, и ова нема да им биде прв пат. Според него, ова е коалиција што државата ја враќа назад во времето.
,,Ќе ве потсетам на она излагање на тогашниот претседател на СДСМ, и тогашен претседател на владата, Зоран Заев, во македонското Собрание, кога му се обраќаше на тогаш пратеникот и претседател на Левица, Димче Апасиев и кога му рече: „Нели се договоривме јас и ти пред изборите, јас да ти обезбедам ресурси, а ти да работиш против ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, и ако освоиш пратеник, после изборите да коалицираме, и на тој начин да ја спасиме Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски?“. тоа го кажуваше тогашниот претседател на Владата, кон својот сокриен коалиционен партнер, Димче Апасиев, пратеник во македонското Собрание и претседател на политичката партија Левица“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Затоа денес, било кој, ако има било каква дилема, дали оваа тројна оска функционира, не треба да има. Делата сами говорат, делата сами ни го оцртуваат патот по кој што тие би не воделе. Со еден збор, тоа е коалиција која што не враќа назад во времето. Времето на грабежот, времето на националните понижувања, времето на предавствата, времето кога граѓаните чувствуваа длабока болка, затоа што сите одеа напред, а ние не само што стагниравме, туку на моменти и се враќавме назад“.