Македонија
(Видео) Детали од пазарењето на премиерот, сдсмовка го чекаше кај брашното со вклучена камера

Со петнаесетина камери, премиерот Димитар Ковачевски беше пречекан во локален маркет во скопско Тафталиџе. Пред да почне со пазарење ги поздрави медиумите и присутните, но заборави да земе корпа за складирање на продуктите, која подоцна му ја донесе вработена за протокол од Владата. Впечатливо беше што премиерот во маркетот влезе озвучен со микрофон, откако претходно беше пристигнат фотограф и снимател.
Ковачевски, посетата на маркетот пред медиумите ја претстави како обично пазарење, а не ПР. Меѓу рафтовите пак, наиде на неколку познаници, меѓу кои беше и пазарџија од кој 15 години купувал зеленчук и овошје, а кој се шеташе во маркетот.
„15 години само кај него овошје и зеленчук пазарувам“, рече премиерот, на што пазарџијата му врати: „Ама немој да ме заборавиш сега кога си премиер“.
Неколку моменти пред да пристигне Ковачевски кај брашното, жена со корпа и телефон со вклучена камера стоеше меѓу рафтовите. Прашана од екипа на „Макфакс“ дали спремна чека да направи селфи со премиерот, таа одговори: „Не, јас за општинска си правам… За Карпош, за СДСМ“. Кога снимателите дојдоа кај рафтовите, таа остана зад нив, за што искоментира: „Ме истуркавте“, се обиде да стигне поблиску до Ковачевски, но не успеа ниту да го фотографира од далеку на што рече: „Леле“ и се повлече.
Откако на каса ги плати производите, а торбата ја остави надвор од маркетот, Ковачевски повторно влезе внатре и почна со прес-конференција. Со оглед на низата прашања, се обиде да им помогне и на новинарите кои држеа и по неколку микрофони.
На Ковачевски му се обрати и пензионерка. Се пожали од висината на пензиите, но и цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.