Македонија
(Видео) Ковачевски се гледа поинаков од Груевски кога пазари во маркети пред камери
Премиерот Димитар Ковачевски, денес, на третото јавно пазарење избегна да каже колку ги плаќа луѓето што му смислуваат да оди во супермаркети со камери. „Макфакс“ му покажа фотографија од пазарењето на експремиерот Никола Груевски, кој користеше иста маркетинг-стратегија, и уште една од негово пазарење и го праша дали има разлика.
„Гледам голема разлика бидејќи јас доаѓам трет пат во разни маркети. Не треба никаков ПР-експерт за да отидете во маркет. Вие гледате дека јас кога доаѓам во маркет, тогаш купувам тоа што ми е потребно и дополнително со министерот за економија го потврдуваме она што сме го донеле како одлука дали се почитува или не. Втора голема разлика е тоа што ние денес живееме во услови на најголема економска и енергетска криза што Европа ја имала по Втората светска војна. Претходните влади живееја во услови на економски просперитет, а практично ништо не направија за државата“, рече премиерот Ковачевски.
Тој повтори дека оваа Влада ги покачила платите, па од минимална плата од 8.000 денари и просечна од 20 илјади денари, сега имаме минимална плата од 20.175 денари и просечна плата над 34 илјади денари. Ковачевски објасни и зошто супермаркетот го искористи за прес-конференција.
„Ова е начинот каде што може да се информираме точно кои се производите за кои има одлука, дали се почитува одлуката и друг начин не постои на самото место за да се уверите, така што не треба ПР-експерт за да дојдете во маркет во кој сте доаѓале во изминатите 15-20 години да купувате. Зошто е добро да дојдат и медиумите? Бидејќи јас улогата во ваква криза и улогата во идентификување на она што се случува на пазарот како значајна ја гледам во медиумите. Бидејќи медиумите секако дека имаат исто така големо ниво на информации што ги примаат. Гледате дека имаше едно прашање што вие сте го забележале, меѓутоа и министерот за економија веќе во текот на вчерашниот ден реагирал, во делот на трговијата со јајца, откуп од страна на одредени купувачи од маркети што мора да имаат 70 % од нивото што го имале во јануари и февруари. Тоа е улогата на медиумите и затоа се повикани – да информираат за она што се случува практично на терен, меѓутоа и да ги постават прашањата што ги интересираат граѓаните“, објасни премиерот Ковачевски.
Ковачевски на фејсбук-промоции потроши 26 илјади евра за 100 дена, објави ИРЛ. За него, ова не беше спорно и посочи дека не се плаќа со пари од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.

