Спорт
Перо Антиќ и во наредните четири години ќе раководи со македонската кошарка
Перо Антиќ и во следните четири години ќе ја предводи македонската кошарка. На денешното Изборно собрание, досегашниот предводник на македонската кошарка, доби поддршка од 40 делегати на седницата на највисокото тело на КФСМ одржана во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
„Ви благодарам на сите за укажаната доверба. Ветувам дека ќе работиме уште понапорно во периодот кој што следува. Веќе работиме на тоа да обезбедиме нови спонзори. Верувам дека ќе бидете пријатно изненадени, посебно прволигашите. Конечно, онака како што беше поставено во програмата, конечно ќе има спонзор на првата машка кошаркарска лига. Клубовите ќе бидат ослободени од доста трошоци. Но очекувам дека тоа ќе биде официјализирано за три-четири дена. Уште еднаш голема благодарност до сите“, порача стариот и нов претседател на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ.
Тој го објави и списокот на членови на новиот Управен одбор. Во наредниот четиригодишен период во работата на федерацијата ќе помагаат: Димитар Ефтимовски како потпретседател, потоа Ѓорѓе Војновиќ, Илија Мерџановски, Владимир Арсовски, Блаже Костадинов, Игор Мицевски, Алтин Малиќи, Аднан Шариќ, Амир Абед, Слободан Трајковски, Виктор Петрушевски, Бранислав Стојановски, Мустафа Ливарека, и членовите на ова тело по автоматизам, Стојмир Дејановски, како претставник на Прва лига-мажи, Јордан Цветановски, претставник на Прва лига-жени, Енвер Мифтари, претставник на Втора лига-мажи, Владимир Огњановски, претставник на Младинските лиги, и Александар Јончевски, претставник на Здружението на кошаркарски тренери.
Собранието на федерација го изгласа и новиот Надзорен одбор кој ќе го сочинуваат Филип Гривчевски како претседател, и двајца членови, Душко Вељановски и Јанко Мишев.
Претходно на седницата, присутните делегати го прифатија извештајот за работата на федерацијата за 2022 година, вклучително и извештајот за финансиското работење на федерацијата за изминатата календарска година, кој го презентираше генералниот секретар Владимир Георгиевски.
Спортскиот директор на националните тимови, Марјан Србиновски, пак ги запозна присутните делегати за сработеното во изминатиот период, во сите национални селекции. Во исто време, ги најави и следните репрезентативни активности, кои се во голем број во периодот кој е пред нас, а кои ќе кулминираат со организација на две Европски младински првенства, и настапите на нашата машка сениорска репрезентација во квалификациите за Евробаскетот 2025 , но и во преткавлификациите за пласман на Олимписките Игри во Париз во 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Азербејџан архивиран, кошаркарите се насочија кон Република Ирска
Македонија имаше успешен почеток на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година. Македонија го победи Азербејџан со 87:49.
Убедливиот триумф ќе им ја зголеми самодовербата на кошаркарите, пред гостувањето во Даблин кај Република Ирска.
„Ова беше заслужена победа. Морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого. Но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично, и тоа што го покажаа на теренот и го покажува и семафорот, е заслужено. Овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме и останува да се спремиме за она што ни следи – Ирска.
Мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа и се повозрасни. Мора да функционираме со енергија на високо ниво, а без разлика кој е на другата страна, мора да бидеме максимални“.
На своето деби за репрезентацијата на Македонија, Омари Мур дојде до скор од шест поени, исто толку скокови и девет асистенции.
„На овој меч играше Омари Мур затоа што има промена во нивниот тим кај натурализираните играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција. Секако дека Мур ги оправда очекувањата на стартот, иако дојде веднаш по мечот со Баерн.
Се вклопивме добро, и станува збор за вистински професионалец и позитивна личност. Можеби јавноста очекуваше дека ќе се случуваат атракции и многу поени, сепак, тој донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството кое го носи со себе. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“, рече по натпреварот селекторот Илиевски.
Спорт
Иран ќе ја бојкотира ждрепката за Светското првенство
Иран одлучи да го бојкотира извлекувањето на групите за Светското првенство во фудбал во 2026 година откако САД одбија да им издадат визи на неколку членови на нивната делегација, објави во петокот Иранската фудбалска асоцијација.
Извлекувањето на групите за Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада следното лето, ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон.
„Ја информиравме ФИФА дека донесените одлуки не се поврзани со спортот и дека членовите на иранската делегација нема да учествуваат на извлекувањето на Светското првенство“, објави портпаролот на Иранската фудбалска асоцијација на државната телевизија.
Локалните медиуми јавуваат дека претседателот на Иранската фудбалска асоцијација, Мехди Таџ, како и извршниот директор на националниот тим, Мехди Харати, се меѓу службените лица кои не добиле виза. Иранската новинска агенција Тасним објави во октомври дека Американците одбиле визи за вкупно седум ирански службеници.
Иран се наоѓа во вториот шешир пред ждрепката извлекувањето, заедно со Хрватска,
Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија и Австралија.
Иранците учествувале шест пати на светските првенства и никогаш не ја поминале групната фаза.
Foto/ EPA
Спорт
Гут-Бехрами ја заврши сезоната поради повреда
Швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами ја заврши сезоната поради сериозна повреда на левото колено, објави Скијачката федерација на таа земја.
Гут-Бехрами се повреди минатата недела за време на тренингот за супер велеслалом на Копер Маунтин, во Соединетите Американски Држави. Таа ќе биде оперирана во текот на следната недела.
34-годишната скијачка, која има 48 победи во Светскиот куп, планираше да се пензионира на крајот од оваа олимписка сезона.
Гут-Бехрами, сега, ја остава „својата иднина отворена“.
Швајцарката ја заврши минатата сезона на второто место во генералниот пласман, а новата сезона ја започна со освојување на третото место во велеслалом во Зелден, што беше нејзин 101-ви подиум во кариерата.
„Верувам дека повредата на коленото, колку и да е сложена, не може да се смета за трагедија“, рече Гут-Бехрами во соопштение, во кое ги истакнува неодамнешните смртни случаи на млади скијачи повредени за време на тренинг.

