Македонија
Спасовски го најави зголемувањето на платите на вработените во МВР во бруто износ од 3.086 денари
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на социјалните медиуми го најави зголемувањето на платите на вработените во МВР во бруто износ од 3.086 денари.
„Во стилот на старата мудрост ‘тивка вода брег рони’, во соработка со Македонскиот полициски синдикат, успеавме во заложбата за вработените во МВР да обезбедиме зголемување на платите со цел усогласување со растот на минималната плата, а наспроти сите шпекулации во дневнополитички цели со кои се обидоа да ја деградираат и демотивираат македонската полиција, но и да ја потценат доследноста во исполнувањето на ветеното од страна на нејзиното раководство.
Со денешната одлука на 140 седница на Владата, зелено светло доби предлогот на МВР за линеарно зголемување на постојните плати во висина од 3.086 денари по работник во бруто износ, почнувајќи со платата за месец март 2023, која ќе се исплати во април” соопшти Спасовски.
Тој потсети дека ова е четврто по ред зголемување на платите на вработените на МВР, имајќи го предвид минатогодишното зголемување од 5% за сите вработени, а претходно преку Буџетот на МВР во 2018 и 2019 беа издејствувани зголемувања на платите за сите вработени. Покрај ова, со зголемување на платите од 30 отсто беа опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации и тоа сметано од 01.01.2020 година, со цел мотивација на овие дефицитарни кадри да придонесат во функционирањето на МВР на позициите за кои се ангажирани.
“Истовремено, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во Буџетот, досега доброволно исплативме бонус плати за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017, 2018, 2019, 2020, 2021 година, а во тек е прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година, која ќе изнесува 31.859 денари во поединечен износ, што претставува зголемување од речиси 40% на износот на бонус платата во 2017 година која изнесуваше 22.928 денари.
Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е императив за ова раководство на МВР. Продолжуваме да го развиваме концептот ‘Задоволна полиција – безбедни граѓани’, кој придонесе за одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против сите видови криминал”, истакна министерот Спасовски на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Појава на магла и намалена видливост во околината на Дебар
АМСМ информира дека во околината на Дебар има појава на магла и намалена видливост до 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.

