Македонија
Арсовска: Ниту можам ниту сакам да донесам одлука за отстапување на Универзалната, тоа ќе го направи Советот

Дали Град Скопје ќе ја отстапи Универзалната сала на Владата ќе одлучи Советот на Скопје, соопшти денес градоначалничката Данела Арсовска. Извести дека има иницијатива од некои од советниците салата привремено да ѝ се отстапи на Владата.
„Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука што јас како градоначалник ниту можам ниту сакам да ја направам. Поради несоодветно планирање и проектирање, таа е соочена со многубројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат и разговараат како точка на дневниот ред како иницијатива. Одлука не може денес да се донесе“, порача Арсовска.
Инаку, на 16 ноември лани, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, информира дека имаат комплетна согласност од градоначалничката за Универзалната сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Истиот ден Град Скопје соопшти дека за ова прашање Градот ќе изјасни кога ќе добие официјално барање од Министерството.
Арсовска денес побара поддршка од советниците на Град Скопје со цел да се реализира тоа што им е ветено на граѓаните.
„Тие да не се водат од партиски интереси. Тоа што тие ги блокираат проектите, последиците ги чувствуваат граѓаните“, рече градоначалничката Арсовска.
Таа апелира советниците да ги надминат политичките игри за граѓаните да не бидат заложници на политиката и побара поддршка и за предложената набавка на екоавтобуси и за намалување на цените на такси-услугите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова од Кисела Вода: Приоритет ќе ми биде целосно завршување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево

Кандидатката за градоначалничка на Скопје и потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, заедно со кандидатот на СДСМ за градоначалник на Кисела Вода, Горан Трајковски синоќа одржа средба со граѓаните на Кисела Вода, каде разговараше за решенијата за клучните проблеми со кои се соочуваат.
-Приоритет број еден за Кисела Вида е конечно завршување на проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ целосно, до Драчево. Фазата на проектот кој започна во време на СДСМ, но со години тапка во место поради негрижата на локалната и централната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Над 50 илјади граѓани се директно засегнати и со право прашуваат зошто булеварот не е завршен со години. Овој капитален проект е симбол на негрижата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години, но и моја јасна обврска, како градоначалничка, ќе го завршам булеварот и ќе обезбедам безбедно и брзо поврзување на Драчево, истакна Шукова.
Хигиената, како што рече, е основна урбана култура и грижа за здравјето на граѓаните.
„Ние ќе воведеме ред, ќе ги засилиме инспекциските контроли и ќе обезбедиме одговорно одржување на јавниот простор“, порача Шукова.
„СДСМ, Шукова и Трајковски остануваат на страната на граѓаните – со реални проекти, одговорност и визија за чисто, функционално и хумано Скопје“, нагласуваат од оваа партија.
Македонија
Перински: Системски пристап при насочувањето на буџетските средства кон регионите и општините

Денеска се одржа 41. седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која раководеше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на која се дискутираше за клучна тема поврзана со подобрување на системот на планирање и распределба на јавните финансии преку утврдување на предлог на поблиски критериуми за проценка на буџетските програми од страна на ресорните министерства кои имаат влијание врз регионален развој.
Целта на критериумите е да се воспостави пообјективен, транспарентен и координиран пристап при насочувањето на буџетските средства кон регионите и општините, особено кон оние што заостануваат во развојот.
„Со дефинирање на јасни критериуми, ќе се овозможи поусогласено планирање на јавните инвестиции, со фокус на вистинските потреби на граѓаните. Ова е чекор во унапредување на рамномерниот развој и во постигнување на поголема територијална кохезија“, истакна министерот за локална самоуправа.
Министерството најави дека Советот продолжува со континуирана работа на креирање политики кои ќе овозможат еднакви можности за развој на сите плански региони, како стратешка цел на Владата и клучен елемент во процесот на децентрализација и одржливиот развој на локалната самоуправа.
Македонија
Воведени нови летови од скопскиот аеродром до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага

Скопје се поврзува со уште пет нови дестинации. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и до Прага, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Утрово, потпишавме договор за 5 нови дестинации, кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолета, кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, од декември Келн – Скопје и исто така од декември почнува и редовна авионска линија Прага – Скопје. Ова се пет нови авиолинии, кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром“, рече Николоски.
Тој додаде дека за една година се отворени 16 нови авиолинии.
„Со 11 нови линии, што веќе ги отворивме, и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии, кои ги отворивме за една година. И тоа бројките го покажуваат, само во првата половина од оваа година од скопскиот и од охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници, што е зголемување за 5 % од скопскиот аеродром и 11 % за охридскиот аеродром“, рече Николоски и најави дека во следниот период ќе има уште нови авиолинии.