Македонија
Советниците пак не гласаа за предлогот на Арсовска за набавка на нови автобуси

Советниците на Град Скопје повторно го одбија предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови автобуси.
„Сметаме дека е крајно лицемерно советниците, кои граѓаните ги плаќаат со 500 евра месечно, да не покажат апсолутно никаква грижа за нив. Скопје има потреба од нови екоавтобуси заради намалување на аерозагадувањето и подобрување на услугите во јавниот транспорт. Сите балкански и европски метрополи континуирано го обновуваат возниот парк, но таму нема ликови на кои медот им е поважен од благосостојбата на граѓаните“, велат од Град Скопје.
Од таму додаваат дека им дале можност на советниците сами да ги изберат условите за кредитирање на проектот и спецификациите за набавка на автобусите со цел што побрза реализација на суштински проект од програмата „За модерно Скопје“.
„ Град Скопје нема да дозволи група партиски послушници да спречат скопјани да живеат подобро и поквалитетно. Граѓаните се свесни кој работи во нивен интерес, а на кој најважен му е лидерот. Со деструктивно работење си штетат само себеси и на скопјани, кои ќе го казнат таквото однесување“, порачаа од Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.