Македонија
(Видео) Трајчева ја прикажа планираната хациенда на Рашковски вредна 463 илјади евра, тој им се налути и на неа и на судот
Куќа на два ката, со базен, а илустрирана на 3Д-скица. Вака изгледаше основниот проект на име Дамјан и Миа Рашковски, деца на ексгенералниот секретар Драги Рашковски, презентиран на рочиштето за „Софтвери“. Обвинителката Ивана Трајчева посочи дека токму по овој проект е планирано да се гради куќата во Побожје, каде што Рашковски купил земјиште. Основниот проект бил одобрен и доставен до Општина Чучер Сандево, но повлечен кога се отворила предистрагата за „Софтвери“. Рашковски забележа зошто судот дозволил да се изведе овој доказ. Трајчева, пак, наброја што содржи тој и посочи дека, според него, изградбата ќе чинела 28.528.409 денари или нешто над 463 илјади евра.
„Ова е основен проект на име Дамјан и Миа Рашковски. Може да се види дека е предвидено да има два влеза, наведена е површината. Ова се предвидените работи што требало да се изведат за влезот број 1 во вкупен износ од 18.991.857 денари. Има рекапитулација за влезот два – вкупно 9.536.552 денара, или за двата влеза 28.528.409 денари“, рече обвинителката Трајчева презентирајќи го доказот.
Спецификацијата беше долга и не беше читана на рочиштето. Обвинителката, по презентацијата на проектот, посочи дека била поднесена и изјава за повлекување на проектот доставена до Општината. Тоа, според неа, се случило кога и јавно било објавено дека е отворена предистрага во која е опфатен Рашковски.
„Поднесена е изјава за повлекување проекти во време на водење на предистражната постапка, кога е јавно објавено“, рече Трајчева на рочиштето.
Во судницата реагира и Рашковски. Тој не го оспоруваше проектот, туку му пречеше што доказот е презентиран во судница.
„Разочаран сум што судот дозволи да се изведе овој доказ. Ова е повлечен проект, нема врска со обвинението. Ова е нереализирана работа, не се знае кој е бизнис-планот. Ова е само на штета… Треба да си многу несреќен човек за да предложиш ваков доказ до судот“, рече Рашковски.
За имотот во Побожје, Рашковски беше прашан и на интервју во „А1он“. Тој тогаш рече дека на плацот нема градба, но не одговори дали била планирана градба на хациенда.
„Имотот во Побожје е исто една од фамите што се направија. Таму дури луѓето ме прашуваа кога може да одат, а на тоа земјоделско земјиште не постои нешто што е повисоко од камен од 20 сантиметри. Една нива, изорана. Дојде од мравка слон се направи и излезе дека таму веќе постои хациенда со базени, тениски игралишта. Станува збор за нива, расцепкани парцели. Целиот имот е купен 70 илјади евра, а е купен со средства што сум ги имал пред да станам секретар. Сега само сум ги употребил – наместо да купам автомобил, сум ги искористил да купам имот. И кредит, кој за таа намена е земен. Обвинителството гледам го проучило целиот процес на купување, до земање договори од нотари, проверка на сметки. Целиот имот вреди 70 илјади. Јас не работам од вчера, работам од 18 години, работам 20 години. Средствата што сум ги имал, сум сметал дека е добра инвестиција и сум го купил на име на децата“, рече Рашковски во интервју за „А1он“ пред четири месеци, без да одговори на прашањето дали планирал да гради.
На рочиштето беа презентирани и други материјални докази. Меѓу нив и такви со кои обвинителката побиваше дека некогаш скрила каков било документ што го добила од Генералниот секретаријат. Рашковски, пак, реагира на дописите што беа читани. Подолга дискусија имаше и за известувањето од Управата за финансиска полиција за банкарските сметки од Љубен Милошоски (роднина на семејството Рашковски). За него, на минатите рочишта Рашковски тврдеше дека префрлал високи суми пари на сметките од децата за да го оправда потеклото. Обвинителката Трајчева, пак, презентира известување од Управата за финансиско разузнавање, во кое стои дека Милошоски имал лимит на сметката од 50 илјади, па, така не можел да оди во минус до 500 илјади, како што претходно беше презентирано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)

