Македонија
Јовески со порака до јавните обвинители: Не дозволувајте никој и ништо да влијае врз вашето постапување
На Денот на правосудството – 31 Март, јавниот обвинител Љубомир Јовески со порака до сите јавни обвинители во државата, побара поддршка за удвојување на напорите за враќање на јавната доверба во нашата институција.
„Многу добро ги знам вашата посветеност и одговорност, секојдневната ревносност и вербата во правда со која ја извршувате функцијата. Време е таа слика да ја видат и граѓаните“, вели во пораката Јовески.
Потсетува на неколку приоритетни задачи.
„1. Ефикасност. Роковите за постапување мора да се почитуваат и да нема неоправдано одолговлекување на постапките. Граѓаните од нас очекуваат правда во разумен рок.
2. Отпорност кон притисоци и влијанија. Ја имате мојата целосна поддршка да носите самостојни и сигурни одлуки. Не дозволувајте никој и ништо да влијае врз вашето постапување и да го компромитира вашиот личен интегритет како јавни обвинители.
3. Транспарентност. Одлуките што ги носиме мора да станат видливи за граѓаните. Правдата треба и да ја видат и да ја почувствуваат. Не плашете се од јавниот суд бидејќи само тој е вистински коректор на нашата работа.
Веројатно еден од најголемите предизвици за нашата институција во следниот период ќе биде преговарачкиот процес со ЕУ. Од реализацијата на реформите во поглавјата што директно ја засегаат работата на правосудството ќе зависи севкупниот напредок на земјата на патот кон Унијата“, истакнува јавниот обвинител.
Истите пораки ги упатува и до јавнообвинителската служба за која, како што вели, исто така е важен дел од нивната организација.
„Потпишавме договор за соработка со Европското јавно обвинителство. Секојдневно ја јакнеме соработката со домашни и странски институции во сферата на нашето постапување. Ова исто така, верувам, ќе придонесе за реализација на приоритетите што си ги поставуваме.
Сите добронамерни критики за нашата работа ги прифаќаме и активно работиме на подобрување во сегментите, каде што се детектираат одредени слабости, вклучително и на оние што ги детектира американскиот Стејт департмент во годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот во 2022 година. Но, задоволен сум што во овој извештај не се адресираат крупни директни критики за работата на Јавното обвинителство.
Притоа чесно е да се признае дека и покрај ваквите позитивни сигнали, сигурно можевме и можеме повеќе. Не можам да не изразам незадоволство со одредени судски одлуки, кои овозможија застарување предмети за чиј исход јавноста беше заинтересирана. Одредени постапки, пак, не се застарени, но и покрај ажурноста на обвинителското постапување, сè уште не ја добиваат потребната судска динамика и немаат разрешница“, додава во пораката Јовески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со Караџов и Маринеску во Брисел: Македонија се фокусира на изградба на големи инфраструктурни проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, Мариан-Жан Маринеску, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, како и Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
На средбата се разговараше за регионалните инфраструктурни проекти кои го потикнуваат рагионалниот развој и економија.
Николоски информираше дека законот за ратификација на Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Николоски ги запозна соговорниците и дека на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Тој потенцира дека се очекува во месец декември или јануари да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре каде ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

