Македонија
Ковачевски: Добрососедството и забрзаната евроинтеграција се приоритет и за двете земји
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денес во Белград на прес-конференција ја истакна заложбата и силната политичка волја на нашата Влада за зајакнување и продлабочување на добрососедските и пријателски односи со Република Србија, во политички, економски и во сите други аспекти на соработка.
Премиерот во Белград ја предводи владината делегација во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
„Нашите две влади се силно ориентирани да го подигнат економскиот и социјалниот стандард на граѓаните, а на бизнис заедниците да им овозможат квалитетно и ефикасно да работат и своите бизнис планови да ги реализираат во разумен рок.
Одличната соработка помеѓу двете држави носи квалитетни решенија во различни кризи, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложуваме за стабилен и просперитетен Западен Балкан. Северна Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како во одржување на добрососедските односи, така и во посветеноста за членство на земјата во Европската Унија.
Како држава не само што ги споделуваме принципите на надворешната политика на Унијата, туку имаме постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, што е потврда дека ја споделуваме и вредносната политика на Европската Унија“, истакна премиерот Ковачевски на прес-конференцијата во Белград.
Ковачевски потенцираше дека фокусот на Владите мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат.
„Европската ориентација на двете влaди е нагласена, ние сме цврсто определени за заштита на интересите на нашите држави, реформски сме ориентирани, активно ангажирани во меѓународните односи, постојано подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области.
Токму затоа изминативе години целосно сме посветени на обезбедување на четирите европски слободи на регионот на Западен Балкан – активно учествуваме во повеќе сериозни и суштински регионални иницијативи како Берлинскиот процес, CEFTA, RYCO, RCC и други, со кои преземаме различни иницијативи за слободно движење на луѓе, производи, услуги и добра низ земјите од регионов. Токму затоа сме и иницијатори и активни чинители во иницијативата на Отворен Балкан која нашите граѓани отворено ја поздравија, а тоа за нас е огромна мотивација“, изјави премиерот.
Во рамки на официјалната посета беа потпишани неколку билатерални документи. Како што истакна Ковачевски, граѓаните и бизнис заедниците веќе ја чувствуваат користа од она што го понудија владите преку сите овие иницијативи.
Падна роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, а од пред неколку месеци транспортните камиони на граничните премини Ќафасан и Табановце се движат со минимално време на чекање, како резултат на воспоставените зелени „Опен Балкан ленти“.
„Поврзувањето на земјите е за поголем развој на нашите економии, да обезбедиме заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници, а со таквиот долгорочен развој овозможуваме подобар живот за сите граѓани. Посебно ме радува што предмалку беа потпишани неколку билатерални документи од страна на двете влади, кои што произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан.
Првиот Меморандум за соработка е потпишан меѓу двете министерствата за внатрешни работи и се однесува на олеснување и забрзување на протокот на луѓе, возила и стоки на граничниот премин Табановце-Прешево; Вториот се донесува на вмрежување на системите за електронска наплата на патарините; Третиот се однесува на соработката во рударството и енергетиката, што значи размена на искуства и активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата“, изјави Ковачевски.
Премиерот истакна дека преку овие иницијативи, преку ваквите соработки, покажуваме дека сме просперитетен регион и дека фокусот на земјите од Западен Балкан е кон забрзување на европската интеграција и кон придонесување секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

