Македонија
Спасовски и Гашиќ потпишаа меморандум, кој ќе го олесни движењето на лица и стоки преку државната граница
Денеска, во Белград, Република Србија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамките на официјалната посета на Република Србија, како дел од владината делегација, заедно со својот хомолог, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, потпиша меморандум за разбирање помеѓу двете влади за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница.
Меморандумот, кој беше потпишан веднаш по пленарната седница на владите на двете земји, ќе го олесни движењето на лица и стоки преку државната граница, особено преку граничниот премин Табановце – Прешево, и ќе придонесе за намалување на метежот на граничниот премин за време на туристичката сезона, што е во интерес на граѓаните на двете земји како и на сите што го користат граничниот премин помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.
Министрите Спасовски и Гашиќ за време на билатералната средба го истакнаа значењето на пријателските односи на нашите две земји, кои интензивно ја следат и соработката на македонската и српската полиција, а потпишувањето на меморандумот претставува ново поглавје во регионалната соработка и поврзувањето на нашите пријателски народи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.