Македонија
Мицкоски: Тврдењата на власта дека со влез на Бугарите во Устав се прави дистинкција со Македонците или се резултат на незнаење или на свесно манипулирање
Тоа е една многу погрешна констатација која што изминатиот период ја зборуваше прво Али Ахмети, потоа дел од министрите кои што доаѓаат од ДУИ, а сега гледам, како што е редоследот таму, почнува да го зборува тоа и Ковачевски и останатите од СДСМ, Маричиќ и сличните, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски оддговарајќи на новинарски прашања од отворањето на политичката академија во организација на Партискиот истражувачки и аналитички центар „Љубиша Георгиевски“ со поддршка на меѓународни институции како Фондацијата Конрад Аденауер.
Мицкоски посочи дека ги разбира преставниците на власта затоа што тие изгледа дека многу не другарувале со книгите, па не ги разбираат работите и поради тоа се обидуваат, нешто кое што го слушнале, недослушнале да го прераскажуваат.
„Ниту авторот на живковизмот немал проблем со современата македонска нација. Ниту тој имал проблем, ниту пак сега и неговите следбеници во Бугарија, а еден од нив е претседателот Радев. Тие немаат проблем со македонската нација која што е резултат на формирањето на современата македонска држава како резултат на одржаните собранија на АСНОМ и АВТОЈ и така натаму. Туку тие имаат проблем со македонскиот народ претходно, значи пред да се формира македонската држава и македонската нација, тоа е проблемот. Тие велат дека македонскиот народ е всушност бугарски народ и тоа е суштината. Никој од нив нема проблем кога вели, видете современата македонска нација е резултат на заседанијата на АСНОМ и на АВНОЈ, антифашистичката борба и формирањето на македонската држава, тоа треба секој да го знае. Тука нема никој проблем, туку што се случувало претходно. Тие велат, да тогаш се формираани тие ентитети, но претходно таму постоеле Бугари и живееле Бугари, тоа е суштината“, рече Мицкоски.
Така што, додаде Мицкоски, ваков тип на тврдења се резултат или на непознавање или на свесно манипилирање.
Во однос на македонскиот јазик, Мицкоски посочи дека тој е службен јазик на ОН уште од 1945 годи и истиот е кодифициран на атинската конвенција во 1977 година, додека пак службен јазик на Европска Унија ќе стане кога Македонија ќе биде полноправна членка што не се знае кога ќе се случи и за што ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции.
„Што се однесува до јазикот, тоа е многу важно да се каже, бидејќи често пати се експлоатира тезата во јавност за договорот со ФРОНТЕКС. И тоа е уште една небулоза и уште една лага и манипулација. Македонскиот јазик е дел од официјалните јазици на обединетите нации уште од 1945 година, кога поранешната федерација станува членка на Обединетите Нации, а со тоа трите тогаш официјални јазици на поранешната федерација, српско-хрватски, словенечки и македонски стануваат официјални јазици на Обединетите Нации. Кодифициран е 77-мата година за време на атинската конференција 1977 година, а ќе стане официјален јазик на Европската Унија тогаш кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија. А кога ќе стане Македонија членка на Европската Унија, гледате дека немаме гаранции. Тоа е она кое што ВМРО-ДПМНЕ го бара, гаранции. Еден од трите столба е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го бара, а тоа се гаранции“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје
Утре (06.01.2026), по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници“, велат од МВР.
Македонија
Во Битола промовирана нова опрема за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион
Денеска во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Премиерот Христијан Мицкоски беше придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.
Пред присутните градоначалници и претставници на општините, како и партнерите од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и донаторите SECO, WBIF и СИДА, премиерот Мицкоски изјави дека со денешниот настан се испраќа силна и недвосмислена порака дека државата чекори напред од систем кој со децении бил запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
„Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад како во урбаните, така и во руралните средини“, рече премиерот Мицкоски.
Со возилата, контејнерите и кантите за отпад кои Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги доделува на јавните комунални претпријатија, ќе се олесни и ќе се подобри работата на комуналните служби во општините од двата региони.
На паркингот пред спортската сала беше изложен дел од опремата – 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони со капацитет од 12 кубни метри, еден кипер камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека станува збор за исклучително значаен проект за животната средина, кој бара системски пристап на локално, регионално и централно ниво за да се постигнат трајни решенија за проблем кој со децении ги засега граѓаните, особено во големите урбани средини.
„Регионалниот проект за управување со цврст отпад не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери. Тој претставува нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди, одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на Европската Унија. За Битола, како најголема општина во Пелагонискиот регион и еден од најголемите генератори на комунален отпад, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“, рече Коњановски.
Тој потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, како резултат на регионална солидарност и заемна доверба меѓу општините, додавајќи дека Битола ја поддржува оваа одлука бидејќи само преку заеднички решенија може да се обезбеди чист регион и здрава животна средина.
„Со реализацијата на планираните активности ќе се овозможи затворање и санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставување нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево. Ова ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на почвата и подземните води и подобри услови за граѓаните“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека конкретните придобивки за Битола веќе се видливи преку испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за собирање отпад, што создава услови за поголема покриеност со услугата во урбани и рурални средини, поефикасно собирање и воведување селекција уште на местото на создавање на отпадот.
Коњановски потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека успехот на системот ќе зависи од тоа колку општините, јавните претпријатија, институциите и граѓаните ќе ја прифатат новата култура на одговорно постапување со отпадот.
„Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се грижиме за иднината на нашите граѓани“, рече градоначалникот на Битола.
На настанот се обратија и министерот за животна средина и просторно планирање, како и градоначалникот на Општина Новаци.

