Македонија
Османи на Бучанскиот самит: Cторителите на ужасните злосторства во Буча мора да одговараат
По повод годишнината од ослободувањето на украинскиот град Буча, Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи преку видео врска се обрати на Бучанскиот самит кој се одржа денеска во Киев.
Самитот беше свикан со цел да се потсети на злосторствата извршени во Украина, а посебно масакрот во киевската област Буча кога повеќе од 460 лица беа убиени од страна на руските воени сили.
Во своето обраќање, Османи ја повика Руската Федерација на итен прекин на огнот во Украина и безусловно повлекување на своите воени сили и потсети дека имињата Буча, Ирпин и Мариупол се очигледен потсетник дека мирот и човечкото достоинство не ни се секогаш загарантирани.
Додека меѓународната заедница бара правда, тој повика и жртвите на овие злосторства да не бидат заборавени, нагласувајќи дека огромното уништување низ цела Украина сè уште продолжува, а тоа значи и целосно непочитување на вредноста на човечкиот живот.
„Одговорноста мора да надвладее. Не може да има неказнивост за воените злосторства, меѓународната заедница не може да остане нема и да дозволи сторителите да останат неказнети. Затоа, мора да се дејствува решително. Прекршувањето на меѓународното хуманитарно право мора да се реши“, потенцираше Османи.
Османи се осврна и на Московскиот механизам на ОБСЕ како прв меѓународен извештај кој даде јасни индикации за извршените злосторства во Буча и други места во Украина, потсетувајќи дека постојат бројни извештаи и од други меѓународни организации, вклучително и Обединетите нации. Во својство на Претседавач со ОБСЕ, тој потсети и дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е очигледно кршење на меѓународното право, на принципите на Повелбата на ОН и на принципите на ОБСЕ.
„Руската војна против Украина ги урива темелите на ОБСЕ, што се коси со принципите за кои се договоривме цврсто ги почитуваме. Визијата на ОБСЕ, како центар на меѓуконтинентална кооперативна безбедност, е ставена на тест. Претседателството на Северна Македонија ќе направи сè за да ги заштити принципите и заложбите на ОБСЕ. Треба да продолжиме со нашата поддршка и да ѝ помогнеме на Украина да ја обнови земјата, откако војната ќе заврши“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар зимале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.
Македонија
Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија
Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, информира СВР Охрид.
Во рамките на вежбовните активности, предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.
Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.
„Апелираме до граѓаните на Охрид и Струга, да ги почитуваат насоките на полициските и армиските службеници кои, ќе се грижат за безбедноста на целокупното подрачје“, велат од СВР Охрид.
фото/Depositphotos

