Свет
Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН, Украинците незадоволни

Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите Нации и покрај апелот на Украина до земјите-членки да го блокираат руското преземање, пишува „Би-Би-Си“.
Секоја од 15. членки на Советот за безбедност на ОН го презема претседавањето на еден месец на ротирачка основа. Кога Русија последен пат седна во Советот за безбедност, во февруари 2022 година, почна инвазијата на Украина.
Постојани членки на Советот за безбедност се САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија. Функцијата е главно процедурална, но рускиот амбасадор во ОН, Васил Небензија, изјави за руската новинска агенција ТАСС дека планира да организира неколку дискусии, вклучително и една за контрола на оружјето.
Тој рече дека ќе разговара за „нов светски поредок“ што ќе го „замени униполарниот“. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба оцени дека рускиот трансфер е „најлошата првоаприлска шега досега“ и „силен потсетник дека нешто не е во ред со начинот на функционирање на меѓународната безбедносна архитектура“.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак рече дека ова е „уште едно кршење на меѓународното право… Ентитет кој води агресивна војна, ги крши нормите на хуманитарното и меѓународното право, ги уништува повелбите на ОН, ја негира нуклеарната безбедност, не може води клучно светско безбедносно тело“,
Минатата година, претседателот Володимир Зеленски рече дека Советот за безбедност треба да се реформира или распушти, обвинувајќи го тоа тело дека не презема доволно чекори за да се спречи руска инвазија. Тој повика и на исфрлање на Русија од Советот за безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.
Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.
Свет
Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, објави Зеленски на Телеграм по денешниот телефонски разговор со Трамп, јави ДПА.
Зеленски рече дека претходно телчефонски разговарал со Трамп повеќе од час и половина, откако американскиот претседател синоќа се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.
„Во понеделник ќе разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната“, рече Зеленски, додавајќи дека е „благодарен за поканата“