Македонија
„Нашите вина стојат рамо до рамо со светските врвни производители“ – Ковачевски, Рама и Вучиќ за заедничкиот штанд на „Винитали“
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, оствари трилатерална средба во Бардолино, Италија, како дел од програмата на работната посета на меѓународниот саем за вино „Винитали“ каде лидерите ќе учествуваат на презентациите на вината од трите земји, на заедничкиот штанд на Отворен Балкан.
На средбата се разговараше за имплементација на активностите во рамките на регионалната иницијатива Отворен Балкан, како и заедничкото учество на меѓународниот саем за вино „Винитали“, кој годинава се одржува по 55-ти пат.
Беше истакнато дека со заедничкото претставување на саемот „Винитали“, еден од винските саеми со највисок квалитет на глобално ниво, го носиме и промовираме винскиот и туристичкиот квалитет на трите земји поблиску до светската публика и потенцијалните инвеститори.
Констатирано е дека на заедничкиот Отворен Балкан штанд, македонските, српските и албанските винарии и вина стојат рамо до рамо со светските врвни производители. На заедничкиот настап на трите земји на саемот за вино „Винитали“ се гледа како огромна можност за промоција, вмрежување, привлекување на странски инвеститори и отварање нови пазари.
View this post on Instagram
На средбата, беше потенцирано дека од летово можноста за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од трите земји станува реалност. Правото на пристап до пазарите на труд во трите држави ќе се стекнува многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање на Отворен Балкан идентификациски број и издаден единствен матичен број за странец од Министерство за внатрешни работи, по извршените соодветни проверки.
Со стартот на реализација на овие договори, на лицата кои ќе добијат Отворен Балкан идентификациски број им се овозможува непречен престој од две години во кој период имаат право да најдат работа.
На состанокот, исто така, беше нагласено олеснувањето и забрзувањето на протокот на стоки и подобрувањето на трговската размена меѓу трите земји со воведувањето на зелените ленти на граничните премини.
Беше поздравено и нагласено потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Северна Македонија и Србија за граничниот премин Табановце, со којшто се предвидува инфраструктурно проширување на бројот на сообраќајните ленти на преминот Табановце – Прешево, поставување или подобрување на сообраќајните сигнали, како и дополнителна инфраструктурна опрема на овој премин, како и воспоставување нови процедури за гранична проверка за забрзано преминување на патниците и возилата на граничниот премин.
Исто така, во врска со граничниот премин на Северна Македонија со Албанија, Ќафасан, беше истакнато дека се формирани работни групи кои почнуваат да работат на наоѓање решенија за целосна функционалност на „Оne Stop Shop“.
На состанокот се разговараше и за можни идни активности како Отворен Балкан – младински камп, саем за храна, филмски фестивал но и можноста за отворање на границите меѓу трите земји.
На состанокот беа договорени конкретни следни чекори за имплементирање на придобивките од Отворен Балкан односно патоказ со конкретни проекти кои би се реализирале во наредниот период, а од кои ќе имаат придобивки економиите на трите земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

