Спорт
Навивачи влегле на патеката во Мелбурн, Ф1 поведе истрага
Организаторите на третата трка во Формула 1, Големата награда на Австралија, најавија истрага за инцидент во кој гледачите го пробија обезбедувањето и се упатија кон патеката пред крајот на трката.
„Можеше да биде страшно“, рече менаџерот на Австралиското Гран При, Ендрју Вестакот, ветувајќи темелна истрага.
Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) од своја страна побара објаснување од организаторите, сметајќи дека инцидентот е сериозно прекршување на спортскиот кодекс.
Медиумите пренесоа слики од толпата како се провлекува низ безбедносните бариери и се искачува на палисадата на само неколку метри од тркачките автомобили, на крајот од хаотичната трка во која победи актуелниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Верстапен (Ред Бул).
Трката ја следеа околу 131.000 гледачи. Некои успеаја да стигнат до болидот на Хас на Германецот Ник Хулкенберг, кој стоеше на излезот од вториот свиок.
„Безбедносните мерки и протоколи што требаше да бидат воспоставени за настанот не беа спроведени, со што се создаде опасно окружување за гледачите, возачите и официјалните лица на трката“, соопшти ФИА.
„На гледачите им е дозволено да влезат на патеката по завршувањето на трката и откако ќе помине безбедносното возило“, потсети директорот на Големата награда на Австралија. „Гледачите пробија една од бариерите, се уште не знаеме како“, додаде тој.
По оваа победа, двократниот светски шампион Верстапен е лидер во генералниот пласман и има 15 бода предност пред тимскиот колега Серхио Перез.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Грилиш на принудна пауза
Еден од најдобрите играчи на Евертон, Џек Грилиш, ќе мора да направи долга пауза.
Како што беше потврдено денес, Грилиш доживеал сериозна повреда на стапалото, поради што го очекува пауза од околу три месеци.
„Денес, Грилиш беше подложен на дополнителни медицински тестови, по што беше утврдено дека има сериозна повреда која бара долга рехабилитација и закрепнување од најмалку 12 недели“, обајави клубот..
Во најдобар случај, Грилиш ќе се врати на теренот во втората половина на април, а дотогаш ќе пропушти голем број натпревари.
Евертон е 10-ти на табелата во Премиер лигата со 32 освоени бода.
Грилиш во најдобар случај ќе се врати на теренот на 18 април кога Евертон ќе го пречека градскиот ривал Ливерпул.
Foto/ depositphotos
Спорт
Тер Штеген во Џирона до крајот на сезоната
Голманот на Барселона и германски репрезентативец, Марк-Андре Тер Штеген, ќе игра на позајмица во Џирона до 30 јуни оваа година, објавија двата шпански клуба.
Според договорот што го постигнаа клубовите, Барселона ќе исплаќа околу 90 отсто од платата на тер Штеген.
Тер Штеген (33) пристигна во Барселона во 2014 година од Борусија Менхенгладбах, а оваа сезона одигра само еден натпревар за тимот од „Ноу Камп“.
Тер Штеген денес го имаше својот прв тренинг со својот нов клуб. Тој бранеше за германската репрезентација на 44 натпревари.
Foto/ depositphotos
Спорт
Конте: Не сме на нивото на Лигата на шампионите
Тренерот на Наполи, Антонио Конте, изјави дека е разочаран од нерешениот резултат против Копенхаген во седмото коло од Лигата на шампионите, објавија денес италијанските медиуми.
Фудбалерите на Копенхаген и Наполи играа вчера во Данска без победник, 1:1. Копенхаген од 35-та минута играше со фудбалер помалку, бидејќи црвен картон доби искусниот Томас Дилејни.
„Ме боли и мора да ги боли моите играчи. Мора да бидеме лути, мора да бидеме разочарани. Имавме во вистински услови за победа и пласман во плејофот. Можеме да имаме илјада изговори, но тие не вредат, бидејќи натпреварот одеше толку добро во тие околности, што мораше да победиме“, рече Конте.
Наполи моментално е на 23-то место на табелата на ЛШ со осум бода.
„Четврти натпревар по ред покажавме дека се мачиме. Имавме целосна контрола, со 11 играчи против 10, па дури и ако ви недостасуваат 10 играчи и се чувствувате уморни, мора да победувате во вакви натпревари. Едноставно – мора. Постои разочарување, бидејќи не успеавме, па затоа е очигледно дека нашето ниво не е соодветно за ова натпреварување во моментов. Имаме само осум бода во Лигата на шампионите, сите мора да ја прифатиме вината. Во оваа ситуација, мора да победите“, нагласи Конте.
Фудбалерите на Наполи ќе го пречекаат Челзи во последното, осмо коло од Лигата на шампионите.
Foto/ depositphotos

