Македонија
Тасевска: Ги намалуваме цените на 11 производи од зеленчук и овошје за помали трошоци на граѓаните
Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски продолжува со грижата за граѓаните и нивниот животен стандард. По намалувањето и замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти, како лебот, млекото и млечните производи, јајцата, тестенините и оризот, од петти април се замрзнува цената на 11 дополнителни производи. Ова го изјави пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска.
„Владата утврди највисока продажна цена од 70 денари за килограм свеж домат, 75 денари за килограм свежа краставица, 90 денари за килограм зелени пиперки, 75 денари за килограм грав, 55 денари за килограм лимони и портокали и 70 денари највисока цена за килограм банани. Покрај тоа се намалуваат и цените на леќата, на кромидот, на карфиолот и на мандарините“, вели Тасевска.
Како што вели таа, со оваа одлука овие утврдени највисоки цени ќе бидат со важност до крајот на месец април, а со почетокот на месец мај и со почетокот на пласманот и на домашните производи, значително ќе се зголеми конкуренцијата на увозните производи и очекувано е цената дополнително да се намали.
„Важно е да се напомене дека со оваа одлука одредени земјоделски производи, како пиперката, гравот и доматот, ќе поевтинат и за повеќе од двојно во споредба со најзастапената цена во малопродажба на 21 март оваа година. Ова почитувани е уште еден одлучен чекор кон заштита на стандардот на граѓаните, но и за забавување на растот на инфлацијата во државата. Ние како одговорна партија ќе продолжиме со реализација на мерки и политики што се во интерес на граѓаните. Апелираме сите производители, увозници и маркети да ја почитуваат оваа одлука на Владата. Во време на светска економска криза, никого не оставаме сам, но и не дозволуваме некој да профитира врз грбот на граѓаните“, додава Тасевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

