Економија
Ковачевски: Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на Коридорот 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.
„Денешниот чин е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата, но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад, кои ги поврзува Коридорот 8, и на сите што ќе минуваат низ него.
Со геостратешката позиција и Коридорот 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко“, вели Ковачевски.
Камен-темелникот на Коридорот 8, според него, не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните така и со меѓународни компании.
Изградбата на Коридорот 8, како што оценува, ќе значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјата.
„Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и, пред сè, безбедни и сигурни патишта за граѓаните. Првпат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија, ако досега беше кружен тек, сега со овој Коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, додава Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси

Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси за јавен превоз за Скопје и општините, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за усвоената информација на вчерашната седница на Владата, која се однесува на потребата од набавка на еколошки автобуси.
„Владата на вчерашната седница донесе одлука за почнување постапка за набавка на 120 автобуси. Од тие, 80 ќе бидат наменети за Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, а 40 во оваа првична фаза ќе бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои имаме организиран јавен градски превоз. Врз основа на потребите и процените, електрични, еколошки автобуси“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата прави чекор напред во обезбедувањето чист воздух и пристојна животна средина за граѓаните.
„Она што е важно е што нема да има загадување, нешто што им е очајно потребно на граѓаните, особено за време на грејната сезона. Ние цениме како Влада, правиме чекор напред во таа насока. Рековме дека обезбедувањето пристојна средина за живеење на нашите сограѓани, во која составен дел е и чистиот воздух, за нас претставува императив. Но, тоа е процес што побарува многу време. Но, доколку седиме и гледаме дека времето си минува, ние ништо не правиме, не сме активни, туку сме реактивни, тогаш нема да дојдеме до решение. Затоа, ние сакаме да бидеме поактивни, да нудиме политики, да креираме политики и да дојдеме до нашата цел, а тоа е пристојна, убава животна средина за нашите сограѓани“, нагласи Мицкоски.
Економија
Народната банка: Сѐ поголема употреба на дигиталните канали за плаќање во земјата

Дигитализацијата носи значајни промени во начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Во последните години, употребата на дигиталните канали за плаќање во земјава се зголемува, а овој тренд се задржува и во 2024 година, што се потврдува и со најновите податоци за платежната статистика коишто ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка.
Во текот на 2024 година, граѓаните повеќе ги користеле кредитните трансфери (т.н. платни налози) за извршување на плаќања во земјава во споредба со претходната година, забележувајќи годишен раст од 11,2% кај бројот и 16,3% кај вредноста, соопшти Народната банка.
„Притоа, менувањето на навиките на граѓаните, т.е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 40,2% кај бројот и 47,0% кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, во услови на значително понизок раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (0,2% и 10,0%, соодветно). Кај електронските плаќања, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47,3% кај бројот, односно 72,1% кај вредноста на остварените трансакции“, се наведува во соопштението.
Исто така, велат од Народната банка, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата.
Така, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава во 2024 година забележаа годишен раст од 14,6% кај бројот и 15,4% кај вредноста.
Според Нродната банка, растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто на крајот на 2024 година броеле 1,9 милиони.
„Притоа, 98,6% од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата. Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 8,3% и достигна 34.778 уреди поставени кај 14.717 трговци. Притоа, 96,4% од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст од 4,4% е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата“, се наведува во соопштението.
Економија
Почна со работа фабриката „Магна мехатроникс“ во ТИРЗ Штип

Започна со работа фабриката „Магна Мехатроникс“ во ТИРЗ Штип. Инвестицијата е вредна околу 40 милиони евра, а ќе бидат вработени 600 лица, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Оваа инвестиција не е само капитален проект, туку вистинска приказна за доверба, партнерство и заедничка визија. Се простира на 18.000 метри квадратни, за што ќе бидат инвестирани околу 40 милиони евра и од презентацијата на претходните говорници можеме да заклучиме дека ќе бидат вработени во самиот пик на инвестицијата повеќе од 600тина лица. Благодарение на оваа фабрика, се отвораат нови работни места, се зголемува индустриското производство и се зајакнува економијата. Нашата земја ја покажува својата подготвеност да биде дом на успешни и конкурентни компании, кои не само што произведуваат, туку и создаваат вредности што ќе се чувствуваат низ генерациите“, рече Мицкоски.
Тој рече дека македонската влада имала два успешни економски квартали, третиот и четвртиот квартал од минатата година.
„За прв пат после подолго време во третиот квартал забележавме раст на бруто домашниот производ од 3%, а во четвртиот квартал дури отидовме и чекор повеќе 3,2% со што се вбројуваме во тие квартали во сме пет најбрзорастечки економии во Европа. Очекувам тој тренд да продолжи и во овој прв квартал од оваа година. Од она што можеме да заклучиме, расте просечната плата, имаме и зголемување на пензиите. Правиме се од една руинирана состојба како што ја затекнавме да направиме економија којашто ќе биде конкурентна со европските и светските економии“, рече премиерот.